Компанијата Еуролинк Осигурување ќе добие награда и признание за придонес за развојот на претприемништвото во средна и југоисточна Европа на свеченоста на проектот „Создавачи за векови“ за 2018 година, соопшти компанијата. Дополнително, имајќи ги предвид територијалната распространетост на компанијата и достапноста на услугите, како и значајниот раст на работата во 2018 година, Меѓународниот комитет кој одлучува за наградите реши да се додели и Голема награда за придонес за развој на претприемништвото во средна и југоисточна Европа на претседателката на Надзорниот одбор на компанијата Олга Костовска и претседателката на Управниот одбор Марија Томеска.
Свеченоста на доделување на наградите и признанијата „Создавачи за векови“ ќе се одржи во Дубровник од 22 до 24 март. Паралелно со свеченостите, ќе се одржи и 6. Регионален самит на стопанственици од средна и југоисточна Европа „300 најдобри“.
На свеченоста на доделување на награди и признанија ќе присуствуваат околу 200 гости, меѓу кои највисоки хрватски функционери, министри за економија/земјоделие/туризам од земјите на лауреатите, припадници на дипломатскиот кор во Хрватска, директори и уредници на медиуми од регионот, невладини организации и други личности од јавниот живот.
Конечната одлука околу лауреатите за 2018 година ја донесе независен Меѓународен комитет, составен од 13 истакнати стручњаци за економија, маркетинг, трговија, менаџмент и финансии од 8 земји, а меѓу почесните членови е германскиот експерт Рајнхард Прибе. Македонски член на комитетот е Билјана Секуловска-Габер, која наедно е и заменик на претседателот.
Меѓу досегашните лауреати се некои од најголемите и најугледните бизнисмени од 9 земји (БиХ, Црна Гора, Хрватска, Италија, Косово, Македонија, Германија, Словенија и Србија). Македонски лауреати се Светозар Јаневски од Тиквеш, Трајче (постхумно) и Живко Мукаетов од Алкалоид и Бранко Азески од Стопанска комора.
„Оваа награда им припаѓа на сите кои веруваат во внатрешните капацитети на компанијата, кои со голема доверба и лојалност ни ја доверуваат заштитата на највредните нешта во животот. Голема е одговорноста која ни е дадена и со сета наша волја, сила и желба да го подобриме животот на сите околу нас продолжуваме во остварување на оваа голема визија“, изјави Олга Костовска, претседателка на Надзорниот одбор на Еуролинк осигурување по повод доделената награда.