Лекарската комора на Македонија соопшти дека нема лиценца за работа докторката Јадранка Бибан, која гостува во ТВ-емисии и зборува против вакцините во услови на епидемија на морбили во која има и смртни случаи. Комората вели дека нема намера да се меша во уредувачката политика на медиумите, но дека јавноста треба да ги знае фактите за тие што излегуваат во јавноста и се претставуваат како доктори специјалисти.
„Најостро реагираме на настапите на поединци во медиумите со кои тие претставувјќи се како доктори му нанесуваат нанадоместива штета на националното здравје. Последниот таков случај беше настапот г-ѓа Јадранка Бибан на една од национлните телевизии на 27. февруари годинава. Останавме вчудоневидени од сè она што го кажа почитуваната гостинка, од која можевме да чуеме сè и сешто, само не аргументи, факти и медицина базирана на докази. Според податоците во нејзиното досие во Регистерот на доктори, има завршено медицински факултет и специјализација по гинекологија и акушерство ѝ е заведена во 1998 година. Меѓутоа, г-ѓа Бибан нема поднесено барање за обнова на лицена, односно нема право да работи во здравствена дејност и нема право да работи со пациенти. Таа не ги исполнува условите, кои се речиси идентични во целиот свет, па и кај нас, за некој да работи со пациенти, односно да се бави со медицина, наука која секојдневно прави големи исчекори во сите области“, вели Лекарската комора.
Според Комората, настапите на ваквите лица по својот карактер и по многу нешта влегуваат во категоријата на она што е во спротивност со сите медицински сознанија и прават огромни штети по здравјето на пациентите.
„Дотолку повеќе што сето тоа е во спротивност на етичките и дентолошките норми кои се основа на докторската професија. Од тие причини, веруваме дека медиумите во иднина ќе ги имаат предвид наведените факти за г-ѓа Бибан, но и за сите други кои со своите настапи ја дезинформираат јавноста, пласираат полувистини и невистини и го загрозуваат националното здравје“, велат од Лекарската комора.
Е. БОЧВАРОСКА