БЛИЗНАКОВСКИ ОД ВМРО-НП ОСЛОБОДЕН ОД ОБВИНЕНИЕТО ЗА КОЕ ТОЈ СМЕТА ДЕКА ИЛИЈА ДИМОВСКИ БАРАЛ ДА МУ СЕ ОДРЕДИ ПРИТВОР

    БЛИЗНАКОВСКИ ОД ВМРО-НП ОСЛОБОДЕН ОД ОБВИНЕНИЕТО ЗА КОЕ ТОЈ СМЕТА ДЕКА ИЛИЈА ДИМОВСКИ БАРАЛ ДА МУ СЕ ОДРЕДИ ПРИТВОРОсновниот суд во Велес (Фото: СДК.МК)

    Апелациониот суд Скопје ја потврди пресудата на Основен суд Велес, со која Слободан Близнаковски, координатор на третата Изборна единица за ВМРО-НП и Зоран Арсовски, претседател на ВМРО-НП за Велес, кои на овие функции биле во 2013 година се ослободени од обвинението дека сториле кривично дело Загрозување на сигурноста.

    „Во снимката од бомбата број 25 пратеникот Димовски за нас бараше притвор“, вели Близнаковски по ослободителната пресуда.

    Тие беа обвинети дека вршеле присток врз советничката Рајна Стојанова, од ВМРО-НП, која тогаш настапи заеднички на локалните избори 2013 во Велес со СДСМ, премина на страната на ВМРО-ДПМНЕ и од опозиција станаа позиција во градскиот совет. Така, по пет години талкање низ судовите и шест пресуди, сите ослободителни, пет Апелација враќаше, заврши процесот кој за Близнаковски е политички и монтиран.

    „Секое обвиние е како фрлена перница од десетти кат. И потоа оди собирај пердув по пердув, така и јас и Зоран моравме да докажуваме на пријатели, познати дкеа не сме виновни, ништо не сме сториле. Јас се чувстувавам стигматизиран со самото пуштање на кривичната пријава. И пред време ме осуди претходниот режим. Процесот траеше предолго, пет години. Многу енергија и дел од животот ни одзеде овој случај“, кажа Близнаковски.

    Според обвинението, Близнаковски на партиски состанок одржан на 14 април 2013 на Стојанова ѝ рекол: „Ти на мек тон не разбираш, ќе треба да ти кажам грубо, доколку не го вратиш советничкиот мандат ти и твојата фамилија ќе бидете искоренети, не си свесна што правиш и што ќе ти се случи, ќе дојдат луѓе од страна- знаеш од каде од Бугарија“. Овие зборови таа ги доживеала како траума.

    Второобвинетиот Арсовски на Стојанова според обвинителниот предлог и упатил сериозни закани со зборовите: „Да знаеш ќе донесат специјалци од Бугарија и нема да помине се така лесно, тоа ти е поздрав од Љубчо Георгиевски“. Од овие зборови оштетената се почувствувала несигурна и загрозена и се исплашила за својот и животот на членовите на семејството.

    Во пресудата пишува дека оштетената Рајна Стојанова не можела да биде службено лице во моментите кога наводно и биле кажани заканите, бидејќи тоа не било во време кога била на седница, туку на партиски состанок. За потоа судот да констатира дека според сведоците од партискиот состанок, не биле упатени такви закани кон Стојанова.

    „Овој процес беше политички и монтиран. Слушнавме дека се споменува и во снимките, во бомбата број 25. Сметам дека станува збор за нашиот случај, велешкиот. Независно од притисоците кое се вршеа врз судството, пресудата е во наша корист. Притисоците беа насочени кон судиите и морам да се заблагодарам што и двајцата Адеми и Гајдова останаа храбри. Им благодарам и на адвокатите кои докажаа дека не сме виновни. Дојде до израз правдата и нема заедничко со тоа што бевме обвинети“, вели Близнаковски.

    Во првите минути од бомбата број 25, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ од Велес Илија Димовски ѝ се жали на поранешната министерка Гордана Јанкулоска, оти не можат да обезбедат притвор за лица кои не ги именува, па бара помош од неа за републичкиот јавен обвинител Зврлевски да реагира, оти велешката обвинителка не се согласувала за притворот.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира