Од денес жителите на општина Карпош можат да аплицираат за картичката „Мој Карпош-Моја картичка“ со која ќе имаат попуст во над 250 фирми кои се наоѓаат на територијата на општината. Попусти при користење на картичката граѓаните ќе имаат во ресторани, кафулиња, спортски објекти, ординации, книжарници, производители на ИТ опрема, дизајн студија, автосервиси и други.
За картичката „Мој Карпош-моја картичка“ можат да аплицираат сите жители на Карпош над 13 години, и тоа директно во Општината, или преку веб платформата www.mojkarpos.mk.
„Општината, во изминатиот период, беше медијатор меѓу бизнисот и граѓаните и преку паролата ‚Добро за бизнисот, повеќе за граѓаните‘ се обиде да ги спои нивните интереси и со тоа да го поттикне развојот на локалниот бизнис, а на граѓаните да им обезбеди полесен пристап и поевтини услуги од локалните компании. Вакви искуства со користење на бенефицирани картички се користат во повеќе метрополи ширум светот, како Амстердам, во Нов Белград, а кај нас за прв пат тоа го прави Општина Карпош“, рече градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев.
Објектите каде карпошани ќе имаа попуст ќе бидат брендирани со посебен знак, со што граѓаните ќе знаат кој субјект е дел од „Мој Карпош“. Граѓаните при аплицирањето ќе треба да приложат документ односно лична карта како доказ дека се жители на општина Карпош.
„Примарната цел на картичката не е да ја загрози конкуренцијата или да нѐ направи локал патриоти. Напротив. Бизнисите нудат попусти и бенефиции во деловите од денот кога можеби немаат голем промет и потрошувачка, а на овој начин ќе се поттикнат потрошувачите да ги посетат токму во тој период. Всушност, се постигнува двојна цел. Задоволни бизниси кои имаат поголема фреквенција и добивка, како и граѓани кои купуваат по пониски цени во одредени периоди од денот“, додаде Богоев.
А. АНТЕВСКА