Жално е кога во земјава има семејства кои не можат да се прехранат, а земјоделците родот што им останал непродаден го фрлаат на буниште, вели Љубе Пампулевски од Здружението на овоштари „Благој Котларовски“ од Ресен.
Преспанските овоштари донираа 50 тони јаболка од минатогодишната реколта на сиромашни семејства низ државата. Тоа се два шлепери, што од вчера минуваат низ градовите и донираат во хуманитарни здруженија и установи каде се згрижени болни, стари и изнемоштени лица и деца без родители.
„Бев фрапиран кога слушнав дека во Скопје и околината има 200 семејства кои се соочуваат со недостиг на храна, хигиенски производи, покуќнина и друго, а дека 150 семејства секојдневно ја посетуваат црковната кујна ‘Спасение‘. Иако и ние производителите сме економски исцрпени, не е во ред тоа што го имаме да го фрламе“, рече Пампулевски.
Овоштарите од Преспа се соочија со хиперпродукција на овошки, а немајќи пласман, непродадени се скоро половина од јаболката од минатогодишната реколта или 50.000 килограми. Преспанските овоштари пред две недели протестираа кај Владата, барајќи интервентната мерка од три денари за килограм откупено јаболко, која важеше до декември, да продолжи до 30 јуни и во тој рок да им бидат исплатени овие пари, а ланските субвенции да ги добијат до крајот на март. Министерот за земјоделство Љупчо Николовски при синоќешната посета на Ресен соопшти дека Владата ќе им излезе во пресрет.
„Ќе најдеме начин како оваа мерка да биде продолжена до рокот што го бараат производителите, односно мерката да опфати дополнителни 30.000 тони јаболка, што ќе бидат откупени“, рече министерот Николовски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА