Цветко Багашовски од Струмица е единствениот кој прави поединечни маски со еротска тема на Струмичкиот карневал. Тој секоја година е дел од големото дефиле и не ги остава рамнодушни посетителите со неговите креативни маски, изработени од дрво, текстил, хартија, треви или трски. За годинашново издание изработил четири маски, сите со блага еротика, бидејќи смета дека Струмичкиот карневал е поврзан со тукушто свршените девојки и со празникот Тримери, кога тие се подготвуваат за брачниот и сексуален живот.
„Останав само јас да изработувам поединечни маски, и тоа со блага еротика. Сите се ориентираа кон групните и посовремени маски, ама јас сакам да ја задржам традицијата преку индивидуалното маскирање. Оваа година имам три поединечни и една мала групна маска. Трите поединечни се ‘Пушти Стојче роговче‘, ‘Комарец со огромна боцка‘ и ‘Под фустанот види што сум‘. Моите маски на некој начин ги содржат тримерските обичаи и песни“, ни објасни Багашовски.
Тој досега има изработено околу 200 маски, секоја година по три-четири. Со една тој лично се претставува на карневалот, а другите креации ги носат неговите најблиски или пријатели. Нема година да не биде награден. Со неговите креации бил и во странство, кадешто многу се интересирале за историјата на маските и за начинот на изработка.
Љубовта кон карневалите кај Цветко се родила како дете, кога во родното село Ратево, Беровско. Штавеле животински кожи, од кои изработувале разни креации и учествувал со ратевски ‘бамбурци‘. Откако се преселиле во Струмица, почнал да изработува маски од текстил и трски.
,,Сакам природни маски. Го спојувам паганското со еротското, традиционалното со комерцијалното. Не можам да ви опишам какво е чувството кога по карневалската траса ве бараат да се фотографираат или ви довикуваат дека сте одлични. Тоа се три часа кога сите гледаат во карневалската креација, а не во реалната личност“, вели Багашовски, кој на Струмичкиот карневал ќе остане запаметен по маската Пенисаурус од пред десетина години, со која собра награди и во странство.
Карневалот започна во средата, а кулминацијата е в сабота вечер, кога по струмичките улици ќе продефилираат околу 1.800 маски од земјава и од Албанија, Бугарија, Србија, Турција, Германија, Црна Гора и Хрватска. В недела е детскиот карневал, а од понеделник се тримерските празнувања, кога ќе бидат прогласени и најдобрите маски, карикатури и афоризми.
Карневалските денови завршуваат в среда, кога се посетуваат домовите на „армасаните“ девојки, на кои им се пеат еротски песни.
В. ТРАЈКОВ