КОНТРОЛОР НА ЈСП ИСФРЛЕН ОД АВТОБУС ОД ПАТНИК, ДОБИЛ ПОТРЕС НА МОЗОК И СКРШИЛ РАКА

    КОНТРОЛОР НА ЈСП ИСФРЛЕН ОД АВТОБУС ОД ПАТНИК, ДОБИЛ ПОТРЕС НА МОЗОК И СКРШИЛ РАКАКонтролорот само што влегол во автобусот со број 7, веднаш бил нападнат и турнат од автобусот. Излетал и паднал на булеварот, по што добил потрес на мозок и едната рака му била скршена. (Фото: К. Попов)

    Контролор на ЈСП „Скопје“ во неделата бил нападнат од патник, по што му била скршена раката и добил потрес на мозок. Од јавното претпријатие информираат дека нападот се случил на линијата број 7, во Карпош 2 околу 13 часот.

    „Контролорот само што влегол во автобусот, веднаш бил нападнат и турнат од автобусот. Немал време ниту да побара билети, а патникот физички го нападнал. Излетал од автобусот и паднал на булеварот, по што добил потрес на мозок и едната рака му била скршена. Веднаш бил однесен во Градска болница ‘8 Септември’. При нападот била повредена и една патничка“, велат од ЈСП „Скопје“.

    Од Министерството за внатрешни работи велат дека не 10 март околу 13.50 часот во СВР Скопје било пријавено дека на автобуска постојка на булевар „Партизански одреди“, при излегување од автобус на ЈСП, М.Џ.(32) од Скопје, обидувајќи се да избегне контрола на билет, го турнал В.С.(43) од Скопје, контролор во ЈСП, кој се здобил со тешка телесна повреда.

    „Лицето М.Џ. бил повикан во Полициската станица Карпош и со него бил извршен разговор. Се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот“, велат од МВР.

    Од претпријатиетo објаснуваат дека секојдневно контролорите наидуваат на патници насилници, кои очигледно сметаат дека можат да го користат јавниот превоз бесплатно, а во случај да ги фати контрола демонстрираат сила.

    Од први до 10 март во автобусите од јавниот превоз извршени се 15.823 контроли, изречени се 434 казни на патници кои се возеле без билет, а картички поради злоупотреба се одземени на 70 граѓани. Од ЈСП „Скопје“ апелираат на уредна валидација и да не се злоупотреба на картичката „Скопска“.

    „Има патници кои наводно по грешка се возат со персонализирана ‚Скопска‘ од туѓо лице. Снаа се вози со картичка од свекрва, студентите си ги позајмуваат картите со колеги. Во вакви случаи покрај казна, се одзема и картичката“, велат од јавното претпријатие.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира