Режисерот Игор Иванов-Изи почна со снимање на својот трет долгометражен игран филм „Хомо“. Снимањето ќе трае пет недели на повеќе од 20 локации низ Скопје. Филмот е копродукција меѓу македонската „Скопје Филм Студио“ (продуцент Томи Салковски), „Гала Филм“ од Бугарија (продуцент Галина Тонева), „Арт енд попкорн“ од Србија (продуцент Мирослав Могоровиќ), „Иридиум Филм“ од Словенија (продуцент Бојан Станковиќ) и „Тригер“ од Косово (продуцент Лумбард Кукај).
Од „Скопје филм студио“ велат дека филмот претставува сублимат од шест различни приказни, на шест различни карактери од Скопје, кои етапно се вкрстуваат и низ лавиринтот на распаднатото општество нивните судбини засекогаш се менуваат. Во сите шест приказни провејува нишка на преиспитување на примарните човечки вредности. Сѐ почнува како комедија, продолжува како социјална драма и на крај завршува со карактеристики на документарец кој тежнее да го соочи обичниот човек со степенот на дехуманизација, суровост и алчност во општеството.
Во филмот е вклучена меѓународна екипа која брои над 120 членови, од кои 70 актери, меѓу кои се: Наташа Петровиќ, Игор Ангелов, Оливер Митковски, Мајлинда Косумовиќ, Јелена Јованова, Сашко Коцев, Сергеј Димовски, Јоана Буковска, Себастијан Кавца, Александар Матовски, Јордан Симонов, Мони Дамевски, Мартин Манев и Славиша Кајевски.
Иванов е режисер на краткиот филм „Бубачки“, долгометражните „Превртено“ и „Соба со пијано“, на епизоди од ТВ-сериите „Инсајдер“, „Преспав“, „Наше Маало“, „Пет плус“, една епизода од српската „Сенки над Балканот“, како и на документарците „Кавал“ и „Гајда“.
Б. НЕСТОРОСКА