Стотици демонстранти направија жив синџир околу зградата на претседателството на Србија, со цел да го спречат претседателот Александар Вучиќ да излезе по одржаната прес-конференција, на којашто тој зборуваше за синоќешниот упад на граѓаните во националниот сервис РТС.
Тие претходно успеаја да го пробијат полицискиот кордон и со камион со разглас да се доближат до зградата, барајќи од Вучиќ директно да им се обрати. Таму се појавија и опозициските лидери Бошко Обрадовиќ, Вук Јеремиќ и Драган Ѓилас.
„Вучиќ може да избира: или ќе биде човек и ќе поднесе оставка или ќе биде стаорец и ќе излезе од зградата низ канализација. Нема повлекување, нема предавање, нема назад, не си одиме додека не го видиме крајот на овој режим“, порача лидерот на Двери, Бошко Обрадовиќ.
Демонстрантите повторија дека бараат оставка на Вучиќ, премиерката Ана Брнабиќ, претседателката на парламентот Маја Гојковиќ и на директорот на РТС, Драган Бујошевиќ, како и слободни медиуми во наредните шест до девет месеци, за потоа да се одржат и фер и слободни избори.