Премиерот Зоран Заев кажа дека Собранието и претседателот Ѓорге Иванов завршиле со амнестии, откако денеска во Основниот суд Скопје 1 беше повикан како сведок оштетено лице во истрага за закани, како што кажа, за негова ликвидација.
„Тука сум повикан како оштетено лице – сведок за закани за моја ликвидација преку Фејсбук во една организиран форма“, рече кусо Заев.
На прашање кој му се заканувал, тој одговори дека во оваа фаза не знае дали би смеел да ги посочи тие конкретни лица кои му се заканувале и додаде дека остава на судот да ја води постапката.
На новинарско прашање дали Иванов, кој има уште околу два месеца од неговиот втор претседателски мандат, може да даде уште една амнестија за истрагите што ги води СЈО против актуелни и поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, Заев одговори: „Тоа со амнестиите заврши. И таа за 27 април која беше донесена преку Собранието беше во знак на помирувањето и јас стојам зад тоа. Собранието не може во овој момент да се впушта во нови амнестии. Не може ни министерството за правда, иако има ингеренции. Не може ниту која било друга институција, па ни претседателот Ѓорге Иванов. Тоа впрочем го пишува и во законите, отворете ги и уверете се дека таа можност тој ја нема“, рече Заев.
С. К. ДЕЛЕВСКА