Апелациониот суд Скопје денеска пресуди да ѝ се намали затворската казна на ексминистерката Гордана Јанкулоска од 6 на 4 години за незаконската набавка на мерцедесот од страна на МВР. Во останатиот дел, Апелација ја потврди првостепената пресуда.
Осудената Јанкулоска ја штити Законот за извршување на санкции и таа, бидејќи има бебе под една година, не може да оди веднаш на отслужување на затворската казна.
Таа беше осудена на 6 години затвор од Основниот суд Скопје 1 на 8 октомври минатата година. Во предметот на СЈО „Тенк“ за неа се водеше издвоена постапката.
Избеганиот во Унгарија Никола Груевски за незаконито влијание да му се купи токму „мерцедес С 600 гард“, а не блиндирано возило од друга поевтина марка, веќе има правосилна пресуда од две години затвор.
Тогашниот помошник-министер Ѓоко Поповски, кој ја спровел незаконската набавка со фаворизирање на „Макаутостар“ како единствен понудувач, првично доби затворска казна од 6,5 години. Апелациониот суд Скопје на 5 октомври минатата година му ја намали на 4 години и 6 месеци.