Министерството за здравство распиша оглас за јавно-приватно партнрество за стерилизација на хируршките сали и заштита од болнички инфекции, во вредност од 844,5 милиони денари, или 13,7 милиони евра без данокот на додадена вредност. Приватниот партнер според условите во тендерот треба да обезбеди стручна обука и тренинг на постоечкиот персонал во јавните здравствени установи, а потоа и да го превземе.
Според огласот за воспоставување јавно-приватно партнерство за интегрирано менаџирање со иновативни решенија за хируршки зафати и здравствена заштита од болнички инфекции економскиот оператор што ќе се јави на огласот, во последните три години треба да има годишен промет од над 30 милиони евра во дејноста за интегрирани услуги за управување со центри за стрилизација.
Според тендерот, понуда може да дадат и група понудувачи или подизведувачи, но услов е секој од нив да има годишен промет од над 20 милиониевра.
Во условите за учество на тендерот е ставено компанијата да има најмалку два претходно успешно реализирани проекти во областа на стерилизацијата, или искуство во стерилизација на медицинска опрема и инструменти.
- СИНДИКАТОТ Е ПРОТИВ ПРИВАТИЗАЦИЈА НА КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР, МИНИСТЕРСТВО ВЕЛИ НЕМА ДА ЗАТВОРАМЕ КЛИНИКИ
- ВЛАДАТА ЌЕ БАРА ПРИВАТЕН ПАРТНЕР ЗА СТЕРИЛИЗАЦИЈА НА ХИРУРШКИТЕ САЛИ И СПРЕЧУВАЊЕ ПОСТОПЕРАТИВНИ ИНФЕКЦИИ
Приватниот партнер треба да обезбеди собирање и на медицинскиот отпад, како и да обезбеди нови возила за транспорт на стерилните хируршки инструменти, а со реализација на проектот да почне 150 дена од потпишување на договорот. Огласот трае до средината на мај.
Од Министерството за здравство велат дека за овој проект веќе има одлука на Влада и веќе е спроведен технички дијалог, поради што е објавен и тендерот. За останатите јавни здравствени установи за кои има предлог за воведување јавно-приватно партнерство во тек е изработка на физибилити студиите и за нив ќе се одлучува по изборите.
Владата минатиот месец донесе одлука дека ќе бара приватен партнер за стерилизација на хируршките сали и спречување на болнички инфекции и дека партнерството е предвидено да трае 15 години, а вредноста на инвестицијата да биде 16 милиони евра, кои приватниот партнер ќе треба да ги вложи во рок од две години. Во првата година приватниот партнер треба да вложи 35 отсто, или 5,8 милиони евра и да инвестира во 4 регионални центри за интегриран менаџмент со стерилизација.
По истекување на рокот од 15 години приватниот партнер на државата треба да ѝ ја предаде целокупната опрема и инфраструктура, како и целосно опремените 4 регионални центри.