НАЦИОНАЛНАТА АЛИЈАНСА ЗА РЕТКИ БОЛЕСТИ СЕ ОГРАДУВА ОД ФОНДАЦИЈАТА „ДОПИР“ ШТО ПРОНЕВЕРИ 57.000 ЕВРА СОБРАНИ ЗА БОЛНИ ДЕЦА

    НАЦИОНАЛНАТА АЛИЈАНСА ЗА РЕТКИ БОЛЕСТИ СЕ ОГРАДУВА ОД ФОНДАЦИЈАТА „ДОПИР“ ШТО ПРОНЕВЕРИ 57.000 ЕВРА СОБРАНИ ЗА БОЛНИ ДЕЦАПретседателката на Националната алијанса на ретки болести Ребека Јанковска-Ристевски вели дека фондацијата „Допир“ е нивна неформална членка, и дека за една година колку што е потпишан меморандумот за соработка немало никакви трансакции меѓу Алијансата и Фондацијата (Фото: Фејсбук)

    Националната алијанса за ретки болести се оградува од дејствувањето на Фондацијата „Допир“, за чии основачи М. Ш. (53) и А. Ш. (49), Министерството за внатрешни работи вчера поднесе кривична пријава за компјутерска измама, односно дека преку веб страница собирале средства за деца со ретки болести и посебни потреби, а парите ги користеле за сопствени потреби. Претседателката на Националната алијанса за ретки болести Ребека Јанковска-Ристевски, вели дека со оваа Фондација склучиле меморандум за соработка пред околу едена година, но дека таа не е нивна формална членка, односно не е внесена во централниот регистар како формална членка на Алијансата.

    „Пред околу една година, дојдоа луѓето од Фондцијата и рекоа дека сакаат да ни помогнат и сакаат да помагаат на болни деца. Ние ги примивме во Алијансата, односно потпишавме меморандум за соработка. Но, за оваа една година ниту дошле на нашите состаноци, ниту пак учествувале во работата на Алијансата“, вели Јанковска-Ристевски.

    Таа тврди дека Алијансата нема информација како делувала оваа Фондација, ниту што точно правеле. Јанковска-Ристевски вели дека сѐ уште е во шок од вчерашната информација и оти не може да поверува дека некој злоупотребувал болест или состојба на дете.

    „Секое здружение е посебен правен субјект и во Алијансата немаме ниту увид што правеле. За оваа една година, освен што е потпишан меморандумот, потоа за ништо не нè контактирале дека некому помогнале, а ветуваа многу. Со оглед на тоа дека тоа е единствено здружение во Алијансата чии основачи не се засегнати со член со некоја болест, не учествуваше во нашата работа. За оваа една година нема никакви пари префрлано од Фондацијата на сметаката на Алијансата, ниту пак обратно. Тие се наша неформална членка и ако се утврди дека е вистина сето ова ќе ги исклучиме од Алијансата“, вели Јанковска-Ристевски.

    МВР вчера соопшти дека двајцата пријавени за да се стекнат со противправна имотна корист, ја формирале Фондација „Допир“ и креирале веб страна bidihumansega.mк преку која собрале 3,531,119 денари или 57 илјади евра во име на деца со ретки болести и посебни потреби. Сајтот сега не постои, но изгледаше професионално изработен и редовно испраќаа соопштенија до медиумите за собраните средства за лекување на деца и лица со посебни потреби во странство, а масовно беа споделувани и на социјалните мрежи.

    Од МВР велат дека заклучно со 27-ми март годинава преку сајтот на фондацијата биле собрани 3.531.199 денари или 57 илијади евра, а поголем дел од корисниците биле измислени и фиктивни профили.

    „По направениот претрес по судска наредба од Основен суд Скопје 1 утврдено најдени се докази дека најголем дел од објавите за собирање донации се за измислени ликови, односно користени се фотографии од деца со внесување лажни податоци. Понатаму истрагата ќе покаже дали меѓу објавите има и такви кои се однсуваат на вистински личности и дали се оштетени, како и дали во измамата се вклучени и други лица“, велат од МВР.

    Директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) Даниел Дончев не сакаше да го коментира случајот, со оглед на тоа дека за него се води постапка пред надлежните органи, но потенцира дека сите што се обратиле до ФЗОМ и што ги исполнуваат законските одредби за лекување во странство не се одбиени.

    „Секој што доставил уредно барање до Фондот за здравствено осигурување за лекување во странство не е одбиен. Под уредно барање се подразибира конзилијарно мислење од соодветната клиника каде се води пациентот, како и потврда дека се исцрпени сите можности за лекување во земјата. На сите што поднеле ваква документација одобрено им е лекувањето во странство“, вели Дончев.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира