Грантови во вредност од 250.000 евра од Швајцарската агенција за развој и соработка ќе добијат 50 земјоделци од струмичкиот и радовишкиот регион за воведување модерни еколошки мерки во производството на овошје и зеленчук. Грантовите за поддршка се трет циклус на грантови во регионот, а се реализираат во рамки на проектот за управување со сливот на реката Струмица, кој го спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
„Овде во сливот на реката Струмица, ги поставивме основите за една долгорочна трансформација на начинот на кој се користат водните ресурси, а модерните мерки во земјоделското производство кои се користат во Европската унија и во Швајцарија ги претвораме во реалност“, рече амбасадорката на Швајцарија Сибил Сутер Техада.
Од УНДП велат дека застарените методи на производство се покажаа како неодржливи како од аспект на квалитетот на производите и приносот, така од аспект на одржувањето природната рамнотежа на екосистемите.
„Охрабрени од резултатите што се постигнаа во пилот фармите во рамките на претходните циклуси на грант програмата, бројот на производителите кои ги усвојуваат новите методи постојано расте. Прекумерната употреба на агрохемикалии и нерационалното трошење на вода за наводнување доведоа до нарушување на природниот баланс на речниот слив. Но, на повидок се решенија кои ќе помогнат да се надминат овие предизвици“, рече регионална директорка на УНДП за Европа и Централна Азија Мирјана Егер.
Сливот на реката Струмица е еден од најважните земјоделски региони во земјата, и според УНДП справувањето со проблемите поврзани со животната средина е главен приоритет, особено имајќи го предвид сè поизразеното влијание на климатските промени. Со грантовите од швајцарската влада обучени се голем број земјоделци, а во нив досега се инвестирани над половина милион швајцарски франци. Од УНДП велат дека оваа поддршка се очекува да продолжи и во иднина.
Со агроеколошките мерки, преку зголемување на ефикасноста на наводнувањето, исхраната и заштитата на земјоделските култури, треба да се подобри конкурентноста на земјоделските производи преку намалување на трошоците на производство.
Проектот за управување со сливот на река Струмица го спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), со финансиската поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка со вкупна вредност од околу три милиони швајцарски франци.
„Преку проектот треба да се подобри квалитетот на животната средина и управувањето со водните преку намалување на притисоците од различно потекло и ублажување на ризикот од поплавите“, велат од УНДП.
Е. БОЧВАРОСКА