Доналд Трамп ја посети границата со Мексико во Калифорнија и уште еднаш повтори дека американскиот имиграциски систем е преоптоварен и мора да се запрат илегалните поминувања.
„Имаме вонредна состојба на нашата јужна граница. Тоа е неверојатен наплив, што го преоптоварува нашиот имиграциски систем. Ова ќе го кажам првпат: не можеме да примиме повеќе, нашата земја е полна“, кажа Трамп.
Тој посети секција од граничната бариера, за која кажа дека е нова, иако, всушност, станува збор за долго планирана замена. Во меѓувреме, администрацијата на Трамп нема изградено ниту еден километар од најавениот и планиран ѕид.
Во обид да се справи со имигрантите, Трамп досега ја ангажираше војската, прогласи вонредна состојба за да добие средства за изградба на ѕидот и се закани дека целосно ќе ја затвори границата, а на заминување од Калифорнија, упати нова закана кон Мексико.
„Ако не помогнат, ќе воведам тарифи од 25% на сите автомобили што се прават во Мексико. Исто така, размислувам да воведам економски казни за сета дрога што влегува преку јужната граница и ги убива нашите луѓе“, кажа Трамп.