На старите возила кои повеќе загадуваат од денеска ќе им се наплаќа влез во центарот на Лондон, откако на сила стапи новата Зона на ултраниска емисија на штетни гасови (УЛЕЗ).
Ова е најновата драстична мерка на градските власти во борбата против аерозагадувањето и се очекува за 45% да ја намали отровната емисија од сообраќајот во наредните две години. Се проценува дека мерката секој ден ќе погодува 40.000 возила, кои ќе плаќаат 12,5 фунти за влез во зоната, во секое време од денот.
Со оваа мерка ќе бидат опфатени сите мотоцикли постари од 12 години, бензинските автомобили и комбиња постари од 13 години, како и дизелските возила постари од четири години. Автобусите и камионите ќе мора да ги исполнуваат Еуро 6 стандардите, односно сите постари од девет години ќе мора да платат влез од 100 фунти.
УЛЕЗ до 2021 година ќе биде проширена на целата област меѓу северните и јужните патишта. Планот на Лондон е до 2025 година да има воздух кој ќе биде во согласност со законските граници.
Голем број европски држави имаат воведено вакви зони. Во Италија ги има најмногу, од кои некои се постојани, а некои сезонски. Во Германија ги има околу 80, а во Холандија 14.