Од ВМРО-ДПМНЕ зависи кога ќе има нова средба за иднината на СЈО, велат од Министерството за правда. Власта и опозицијата одржаа неколку средби за новиот Закон за Јавно обвинителство изминативе три недели, но значителен напредок нема во преговорите за законот кој е реформски и еден од условите земјава да добие датум за почеток на пристапните преговори со ЕУ.
„Се чека ВМРО-ДПМНЕ да достави свој предлог за клучните разлики, кој ќе биде во согласност со европските препораки. Штом ВМРО-ДПМНЕ бидат спремни со предлог, ќе има средба. Зависи од нив“, изјавија од Министерството за правда за државната агенција МИА.
Преговарачките тимови на власта и опозицијата последен пат се сретнаа завчера, по која и двете страни се согласија се клучните разлики остануваат, но и дека консултациите за законот да продолжат.
Министерката за правда Рената Дескоска претходно кажа дека не може да има отстапување за амандманите на ВМРО-ДПМНЕ за згаснувањето на СЈО откако ќе се завршат судските процеси за 20-тината обвиненија, или за негово претопување во иднина како одделение во ОЈО за организиран криминал. Нема отстапка и за амандманите на ВМРО-ДПМНЕ за прекин на истрагите по 30 јуни 2017 и за алтернативниот амандман од ВМРО-ДПМНЕ идното СЈО да нема автономија и да стане и тоа зависно од премиерите, министрите за финансии и од Државниот обвинител.