Новиот филм на режисерот Џим Џармуш „Мртвиот не умира“ ќе го отвори годинашниот Кански филмски фестивал. Филмот е комедија, за зомби кои ќе се борат со локалните полицајци Бил Мареј, Клое Севињи и Адам Драјвер. Филмот, кој ќе се натпреварува за главната награда Златна палма, ќе го отвори фестивалот на 14 мај, и од истиот ден ќе има кинодистрибуција во Франција. Во САД и останатите земји ќе игра од јуни.
Во филмот играат некои од најчестите соработници на Џармуш: Тилда Свинтон, Селена Гомез, Стив Бушеми, Рози Перез, Дени Гловер, Иги Поп и Том Веитс.
Џармуш доби Златна камера во Кан во 1984 за „Почудно од рајот“, а последен пат во Кан беше во 2016, со „Патерсон“. Меѓу останатите негови филмови кои премиерно се прикажале во Кан се „Скршени цвеќиња“ со Мареј и Свинтон, како и „Само љубовниците преживуваат“, „Дух куче: патот на самурајот“, „Мртовец“, „Мистериозен воз“ и „Надвор од законот“. За „Кафе и цигари: некаде во Калифорнија“ во 1993 доби Златна палма за краток филм.
Годинава претседател на жирито ќе биде четирикратниот оскаровец Алехандро Ињариту. Фестивалот ќе трае до 25 мај, а меѓу останатите наслови за кои се шпекулира дека ќе се прикажат се: „Болка и слава“ на Педро Алмодовар, „Рокетмен“ на Декстер Флечер и „Беше еднаш во Холивуд“ на Квентин Тарантино. Нема да се прикажуваат филмови на „Нетфликс“, бидејќи уметничкиот директор на фестивалот Тиери Фремо и директорот на „Нетфликс“ не постигнаа компромис околу тоа дали нивните филмови ќе може да се натпреваруваат во официјалната програма.