Преку Договорот од Преспа политичките лидери на Северна Македонија и Грција надминаа тешки историски прашања и неговата целосна имплементација е клучна за регионот, кажа Кејт Мари Брнс, номинирана од Доналд Трамп за нов американски амбасадор во Скопје, на сослушувањето во Сенатот. Во воведот, таа рече дека странски актери со лоши намери работат против напредокот во обид да ја поткопаат иднината на земјата и ако биде потврдена нејзината номинација во Сенатот, кажа дека работата на амбасадата ќе се фокусира на три области.
„Прво, ќе промовираме стабилност низ силни институции. Северна Македонија направи значителен напредок во законските реформите во правосудството и владеењето на правото. Лидерите треба да се погрижат овие закони да се имплементираат за да се исполнат стандардите за членство во ЕУ и НАТО, како и да ги исполнат очекувањата на граѓаните“, кажа Брнс.
Второ, рече таа, ќе работи на зајакнување на безбедноста преку партнерство.
„Како иден сојузник во НАТО, Северна Македонија мора да ги исполни обврските. Северна Македонија придонесува меѓународните операции од 2002 година со речиси 4.000 војници. Како наш силен сојузник во борбата против ИСИС, Северна Македонија стана важен пример за сите членови на коалицијата со репатријација, обвиненија и пресуди за странските терористички борци“, кажа Брнс, додавајќи дека американските и македонските војници се храбро се бореа еден покрај друг во Ирак и сè уште се борат во Авганистан.
И трето, најави Брнс, амбасадата ќе работи на поттикнување на просперитетот преку позитивно влијание.
„Северна Македонија ќе напредува со унапредување на човековите права, инклузија на различностите, слобода на медиумите и отворен пазар“, рече Брнс.
Брнс e дипломат од кариера и досега беше заменик шеф на мисијата на САД во Атина, каде што дојде во септември 2017 година. Претходно беше постојан претставник на мисијата на САД во ОБСЕ во Виена. Досегашниот американски амбасадор во Скопје Џес Бејли беше потврден во Сенатот во декември 2014 година, а си замина од функцијата во февруари годинава.