Поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски утринава беше на распит пред шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Рускоска, за организација на нападот на Собранието на 27 април 2017 година. Место од службениот влез, Вељаноски веројатно искористил привилегии од некого во Апелациониот суд Скопје, кај што се наоѓа и Обвинителството за организиран криминал и влегол скришум, за да ги избегне новинарите.
Тој излезе по неполн час. Не изјави ништо, не сакаше да каже ни дали извршил увид во доказите. Овојпат излезе од службениот влез.
По наредба на Обвинителството за организиран криминал и корупција на 20 февруари 2019 година беше приведен поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски под сомневање за сторено кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, но и уште едно лице, Спире Ристовски, кој сè уште е во истражниот затвор во Шутка. За организирање на нападот е осомничен и Миле Јанакиески, кој беше кратко во Шутка со Спире, а потоа доби куќен притвор. Осомничен е и избеганиот во Грција Никола Бошкоски од УБК.
Владимир Атанасовски, поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, веќе е во притвор како осомничен организатор и нарачател на нападот на Собранието на 27 април 2017 година.
За Вељаноски судија на претходна постапка побара притвор, но Собранието не гласаше во рокот и така пратеничкиот имунитет на Трајко Вељаноски му остана.
За време на судењето за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 година, тогаш обвинетиот, а сега осуден Влатко Трајковски одговараше на прашања на Обвинителството и на судот:
„Вратите на Собранието ги отворија Крсто Мукоски и Сашо Василевски, кои сега се амнестирани. Наредбата да се отворат вратите сите знаеме чија беше, на тој што нарачуваше полици за во село“, рече сега осудениот Влатко Трајковски, потсетувајќи на претходна изјава на Вељаноски дека пред нападот нарачувал изработка на полици за во викендицата.
При распитот на Трајко Вељаноски во својство на сведок на 11 декември 2018 година, кога судијката Добрила Кацарска го праша поранешниот претседател на Собранието за што се допишувал со смс и вибер пораки на 27 април во 15.30 со неговото лично обезбедување Горан Ѓошевски и кој е Душко што се споменува во комуникацијата, Вељаноски одговори: „Душко за рафтови и полици што требаше да ги прави за во село“.
С. К. ДЕЛЕВСКА