4 МЕСЕЦИ НЕ МОЖЕА ДА ГО УРНАТ „БЕКО“, А КАЖУВААТ ИМАЛЕ ПРОБЛЕМ СО СТАТИКАТА, ВЕЛИ АВТОРКАТА НА ПРОЕКТОТ МИМОЗА НЕСТОРОВА-ТОМИЌ

    4 МЕСЕЦИ НЕ МОЖЕА ДА ГО УРНАТ „БЕКО“, А КАЖУВААТ ИМАЛЕ ПРОБЛЕМ СО СТАТИКАТА, ВЕЛИ АВТОРКАТА НА ПРОЕКТОТ МИМОЗА НЕСТОРОВА-ТОМИЌ„Тој проект ниту еднаш не ми го вратија од модната куќа 'Беко Белград “ да го доработам, сѐ беше добро смислено“, вели авторката на проектот Мимоза Несторова-Томиќ.(Фото: СДК.МК)

    Целосно е прeгазено авторството со уривањето на зградата на поранешно „Беко“, сегашна ТЦЦ „Плаза“, вели авторката на проектот Мимоза Несторова-Томиќ.

    Зградата која почна да се урива во мај лани, сега целосно ја нема. 90-годишната архитектка Мимоза Несторова-Томиќ, една од најреномираните автори и урбанисти во Македонија, авторката на проектот вели дека воопшто не се издржани објаснувањата на инвеститорот дека имале проблеми со статиката, па затоа морале да го урнат објектот.

    „Ја урнаа со изговор дека имало проблем со конструкција, тотално не се во право, оти 4 месеци не можеа да ја срушат. Можеше само пренамена да се направи.“, реагира Несторова-Томиќ.

    Модната куќа „Беко“ е изградена 1972 година. Во 1998 ја преземаа Тајванците, а потоа беше продадена на локален бизнисмен (архивска фотографија)

    Несторова-Томиќ раскажува дека голем предизвик ѝ било да работи на модната куќа „Беко“, која е изградена во 1972 година. За таа градба е многу благодарна на двајцата статичари од „Бетон“ кои исклучително добро ја следеле во работата.

    „Тој проект ниту еднаш не ми го вратија од модната куќа ’Беко Белград“ да го доработам, сè беше добро смислено. Колегите од Белград и од Словенија напишаа убави текстови и најстрогиот ентериерист напиша дека ’управата на Беко не треба да се грижи‘. Колегата Гашпер од Словенија даде најдобар коментар дека е единствена стоковна куќа во Југославија без столбови внатре, и има простор сè убаво да се изложи“, вели Несторова-Томиќ.

    Што ќе се гради на местото на ТЦЦ „Плаза“ сè уште не се знае оти Општина Центар нема издадено одобрение за градба. Градоначалникот Саша Богдановиќ вели дека на сила е мораториумот и се прави ревизија и на тој план, но тврди дека поголема висина нема да биде дозволена.

    „Инвеститорот уште нема побарано дозвола. Од контактите со него ми беше речено дека ќе го градат одново истиот објект оти била нарушена статиката. Очекуваме планот да биде готов летово“, вели Богдановиќ.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира