Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска најави дека по изборите ќе се донесе ново законско решение со кое лицата кои примаат социјална помош ќе треба да работат општествено корисна работа или активно да бараат работа. Законот веќе е во собраниска процедура и по изборите ќе дојде на гласање.
„Секој што прима социјална заштита, а е работоспособно лице, со новите законски измени ќе мора да се вклучи во активните мерки за вработување. Едната е во сферата на општествено корисната работа, а другата е доквалификација и едукација за специфични професии“, рече денеска во Штип министерката за труд и социјална политика.
Според Царовска, токму од ваквите социјалци во иднина треба да се лиферуваат идните вработени во стопанската дејност, а кои во овој период им недостигаат на сите стопански гранки.
„Со доквалификацијата можност да се активираат имаат сите работоспособни социјални случаи. Оваа мерка ќе опфати над 30.000 домаќинства во државата. Со тоа ќе се подобри севкупната економија во државата“, рече Царовска, која додаде дека во Источна Македонија моментно социјална помош примаат речиси 7.000 лица, групирани во над 1.700 семејства.
Т. ЈОВАНОВСКИ