Девет настапи и еден документарен филм ќе има на 18. Офф-фест, што ќе се одржува од 3 до 8 јуни во Македонската опера и балет (МОБ), Младинскиот културен центар (МКЦ) и во клубот Епицентар.
Отворањето е во МОБ, со виртуозниот дует на велшката харфистка Кетрин Финч и и сенегалскиот кора-мастер Секу Кеита. На отворањето ќе настапи и македонскиот њујорчанец Крсте Роџевски, со концертна премиера на својот интересен материјал, во придружба на неговите најблиски музички соработници од првата лига на њујоршката џез-сцена.
„На 4 јуни во МКЦ ќе се слави музиката од Мали, најпрвин со прикажување на документарниот филм ‘Мали блуз’, а потоа и со концертот на Басеку Кујате и неговиот бенд Нгони Ба, промовирајќи го својот најнов, одлично оценет албум ‘Мири’. Звукот на Мали ќе одекнува и следната вечер, на 5 јуни, во МОБ, со настапот на најголемата ѕвезда на годинешниот Офф-фест, атрактивната африканска дива Фатумата Дијавара“, најавува организаторот.
Како дел од т.н. „Балканска ноќна треска“ на 6 јуни во МКЦ, ќе се „судрат“ две големи балкански ворлд мјузик атракции: неприкосновените претставници на „унгарската тамбурица“ Сондорго и струмичкиот „фанки тигар“ Џамбо Агушев со неговиот многуброен, светски популарен дувачки оркестар.
Претпоследната вечер (7 јуни, МКЦ) е посветена на модерната интерпретација на традиционалното, претставена низ фасцинантниот аудио-визуелен перформанс на „либанскиот одговор на Готан проџект“- групата „Лав едн ривенџ“ и Колумбијците Ромперајо.
Затворањето е во клубот Епицентар на 8 јуни, со ексклузивен полноќен диџеј-сет на Деди Џи од „Масив атак“.
Влезниците ќе се продаваат од утре, а информацијата за цените и продажните места ќе биде објавена дополнително.