Екипи од Здравствен дом Скопје утрово почна со теренска вакцинација со вакцината МРП (морбили, рубеола, паротит) во основното училиште „Јан Амос Коменски“, а во текот на денот треба да поминат во уште десетина училишта. Теренска вакцинација во целата земја и за школски деца е една од мерките на Комисијата за заразни болести за да се стави крај на епидемијата со мали сипаници, која минатата недела беше прогласена на територија на цела држава.
Директорот на Здравствен дом Скопје Злате Мехмедовиќ, вели дека според планот што го направиле денес треба да вакцинираат 480 деца, од 3.500 деца на школска возраст кои се невакцинирани.
„По ова училиште продолжуваме во ’Петар Поп Арсов‘ и во останатите. Планот е во наредните десетина дена да ги вакцинираме овие деца, кои претходно останаа невакцинирани. Се договоривме со Министерството за здравство вакцинацијата да оди со согласност од родител, и до 15 часот ќе знаеме дали имало некакви проблеми“, рече Мехмедовиќ.
Според податоците од Министерството за здравство, од почетокот на епидемијата во Скопје невакцинирани со МРП вакцината на територија на целата држава имало 42.000 деца, од кои во Скопје досега се вакцинирани над 12.000 деца, а во остатокот од земјата околу 30 отсто.
На Клиниката за инфективни болести во моментов се лекуваат 41 пациент заболен од мали сипаници, од кои едно дете со церебрална парализа е во потешка состојба и е на машина за дишење, а во потешка состојба се уште две деца и еден возрасен.
Директорката на Клиниката за инфективни болести д-р Милена Стевановиќ вели дека согласно новите препораки, се договориле од другите градови на Инфективна клиника да се префрлаат само потешките случаи, бидејќи се ограничени со капацитет.
„Во текот на вчерашниот ден направени се 13 прегледи, при што двајца пациенти се задржани во болница, а останатите се пуштени на домашно лекување“, вели д-р Сања Маринковиќ од Клиниката за инфективни болести.
На Клиниката за детски болести едно дете е во потешка состојба и е на респиратор, а во моментов има 12 заболени од мали сипаници.
„Има постојано нови приеми, во текот на денот отпуштаме и примаме деца. Се трудиме колку што можеме да одржиме одвоеност на децата со мали сипаници од останатите, бидејќи ноќеска имало прием на деца температура, и едно од нив утрово се осипало. При тоа, не може да знаеме однапред дали е со сипаници или некоја друга состојба. Здравствените работници што се најизложени на контакт со пациенти ќе примат и трета доза од вакцината“, вели директорката на Клиниката за инфективни болести д-р Катерина Ставриќ.
Е. БОЧВАРОСКА