ВЛАСТИТЕ НА ШРИ ЛАНКА ПРЕД ДВЕ НЕДЕЛИ БИЛЕ ПРЕДУПРЕДЕНИ ЗА МОЖНИ НАПАДИ, НО НЕ РЕАГИРАЛЕ

    ВЛАСТИТЕ НА ШРИ ЛАНКА ПРЕД ДВЕ НЕДЕЛИ БИЛЕ ПРЕДУПРЕДЕНИ ЗА МОЖНИ НАПАДИ, НО НЕ РЕАГИРАЛЕВо вчерашните напади на цркви и хотели загинаа најмалку 290 луѓе, а околу 500 се повредени (Фото: Ројтерс)

    Властите на Шри Ланка пред две недели биле предупредени за можни напади од џихадистичка група, изјави портпаролот на владата, додавајќи дека оваа информација не дошла до премиерот Викремесинге и до неговиот кабинет.

    Безбедносните служби ја набљудувале групата Нешнал товхед џамат и ја известиле полицијата за можни напади. Во вчерашните координирани напади на цркви и хотели во главниот град Коломбо загинаа најмалку 290 луѓе, а околу 500 се повредени.

    „Четиринаесет дена пред да се случат овие напади, ние бевме информирани за нив. На 9 април, шефот на разузнавачката служба испрати писмо и во него наведе многу имиња на членови на оваа терористичка организација. Во писмото имаше предупредување за можни самоубиствени бомбашки напади од радикалната исламистичка група Нешнал товхед џамат“, изјави Раџита Сенаратне.

    Станува збор за новоформирана група, посветена на милитантна и нетолерантна исламистичка идеологија, која се обвинуваше за вандализирање будистички статуи, но досега не се поврзувала со тероризам.

    Претседателот Сирисена назначи специјален комитет кој треба да истражи што се случило.

    „Ова е огромна грешка на разузнавачката служба. Треба на сите да ни биде срам. Некои од разузнавачите биле свесни дека ова може да се случи, а закаснија со реакцијата. Треба да се испита зошто овие предупредувања биле игнорирани“, изјави еден од министрите.

    Полицијата досега уапси 24 лица кои се поврзуваат со нападите.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира