Демонстрантки во мини здолништа и на штикли се доближија до вратата на Министерството за финансии откако кордонот полицајци се повлече и дозволи пристап до барокната зграда. Тие со кармин на албански испишаа неколку пораки на вратата на Мнистерството и остапија место на специјалната единица за боење која фрли уште неколку балони врз вратата.
Бројот на демонстранти се намалува, но протестот се уште трае. Пред Министерството за финансии Шарената револуција ја пушти химната на Република Македонија, а потоа сите во еден глас скандираа „Шутка не ти бега Никола“.
Мото на вечерашниот протест е „Нема правда кога јавниот долг вртоглаво расте“. Антивадините демонстранти протестираат против одлуката на Владата да се задолжи кај комерцијалните банки со еврообврзница од 650 милиони евра и токму затоа протестот е пред Министерството за финасии.
За демонстрантите вечерва имаше и воден топ и оклопно возило кои им го пресекоа патот на улица Македонија, по што тие се обидоа да се доближат до Министерството преку преминот кај кафулето „Корзо“. Тука поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски ги туркаше полицајците во обид да го пробие кордонот.