„АЛКАЛОИД“ ОСТВАРИ ПОРАСТ НА ПРОДАЖБИТЕ, ИЗВОЗОТ И ДОБИВКАТА ВО ПЕРИОДОТ ЈАНУАРИ-МАРТ

    „АЛКАЛОИД“ ОСТВАРИ ПОРАСТ НА ПРОДАЖБИТЕ, ИЗВОЗОТ И ДОБИВКАТА ВО ПЕРИОДОТ ЈАНУАРИ-МАРТ„Алкалоид“ во првите месеци од годината го зголемил извозот во голем број европски држави. - Генералниот директор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов (Фото: СДК.МК)

    „Алкалоид АД“ Скопје оствари позитивни финансиски резултати во периодот јануари-март 2019, покажуваат неревидираниот единечен и неревидираниот консолидиран Биланс на успех.

    Според единечниот Биланс на успех, продажбите достигнуваат 2.101.073.373 денари, 14% повеќе во споредба со истиот период минатата година. Добивката пред финансиски трошоци, даноци и амортизација, која изнесува 422.772.099 денари, бележи зголемување од околу 16%, додека единечната нето добивка изнесува 247.475.979 денари и е зголемена за 15%.

    Вкупните консолидирани продажби достигнуваат 2.833.475.867 денари, што е за 15% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Притоа, 32% се остварени на домашен пазар, а 68% на странски пазари, најмногу во земјите од Југоисточна Европа и во Русија. Најзабележителен раст на извозот е остварен во Велика Британија – 4,8 пати повеќе од лани, потоа во Грузија (зголемување за двапати) и во Полска, од 72% споредено со истиот период од минатата година. Кај извозните пазари пораст бележат и Унгарија (63%), Русија (58%), Украина (57%), Бугарија (49%), Германија (42%)…

    Гледано по групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот Фармација, и тоа 88%.  Сегментот Хемија, Козметика и Билкарство учествува со 12% во вкупните консолидирани продажби.

    Консолидираната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација, која достигнува 490.980.742 денари, бележи раст од 19%, додека нето консолидираната добивка во износ од 294.542.101 денари е зголемена исто така за 19%.

    Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари-март 2019 изнесуваат 193.866.065 денари. Во „Алкалоид“ се реализирани и 55 нови вработувања.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира