ДОВОЛЕН Е ЕДЕН ПРЕГЛЕД ГОДИШНО, РЕКОА ЛЕКАРИТЕ НА ТРИБИНАТА ЗА МАЛИГНИ ЗАБОЛУВАЊА ВО ВЕЛЕС

    ДОВОЛЕН Е ЕДЕН ПРЕГЛЕД ГОДИШНО, РЕКОА ЛЕКАРИТЕ НА ТРИБИНАТА ЗА МАЛИГНИ ЗАБОЛУВАЊА ВО ВЕЛЕСБројката на новозаболени е голема, но ракот може да се излечи ако се открие во рана фаза, велат лекарите (Фото: СДК.МК)

    Велешани не обрнуваат внимание на ракот на половите органи, констатираа лекарите кои учествуваа на трибината „Здравјето е поважно од сѐ“ во Велес. Во прилог на ова ги објавија бројките дека во Велес лани имало 24 случаи на карцином на простата и 69 на рак на дојка. Присутните имаа можност да слушнат за превентивната заштита и за современите начини на лекување на овие малигни заболувања.

    „Бројката е голема, но, за среќа, со откривањето во рана фаза како хирурзи можеме да помогнеме. Доволен е еден преглед годишно. По 50. година од животот, пациентот мора да се јави превентивно на преглед. Дури и матичниот лекар може да направи испитувања на туморскиот маркер, па да го препрати кај нас, ако види дека е покачен“, рече д-р Сашо Дохчев, директор на Клиниката за урологија на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.

    Слично како ракот на простатата, и ракот на дојката се лечи со сто отсто успешност ако се открие во ран стадиум.

    „Жената треба да знае сама да се прегледува. Ако не го прави тоа, од 40-годишна возраст потребно е да оди кај матичен лекар и да оди на мамографија“, рече хирургот д-р Филип Тодоровски.

    Овие болести, за жал, сѐ повеќе ја зафаќаат и помладата популација, констатираа двајцата доктори и затоа потенцираа дека неопходни се редовни прегледи кај матичните лекари.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира