Одливот на средномедицински кадар од државните болници во приватните, како и во странство, за кое деновиве алармираше Унијата на здруженијата на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри (ЗМСТАС) Министерството за здравство ќе го решава со нови вработувања, зголемување на платите, едукација и зголемување на ингеренциите. Според податоците од Здружението 100 медицински сестри од јавните здравствени установи се иселиле во странство или заминале во приватните болници, а од скопските клиники 40, а сѐ уште не е решен статусот на голем број медицински сестри од примарното здравство кои останаа без работа по затворање на ординациите на матичните лекари.
Министерот за здравство Венко Филипче рече огромен е недостатокот на медицински сестри и доктори во сите јавни здравствени установи и дека досега ги стимулирале со зголемување на платите и ноќните дежурства, спровеле низа едукации, а тоа ќе продолжат да го прават и во иднина.
„Медицинските сестри се столбот на нашиот здравствен систем. Лани примивме огромен број медицински сестри и лекари, ги зголемивме платите и ноќните дежурства. Сега по изборите ќе продолжиме со зголемување на платите, вработувања и на доктори и на медицински сестри, ќе ја подобриме и едукацијата, а консултиравме и експерти од Светската Здравствена организација за зголемување на нивните ингеренции. Преку вклучување на медицинските сестри во мобилните тимови и со вклучување на сите завршени доктори кои ќе добијат лиценца да стажираат во Итната медицинска помош и здравствените домови 6 месеци со обезбедена плата, ќе ги стимулираме да останат во земјата у во јавните здравствени установи“, рече Филипче, на одбележување на Денот на медицинските сестри 12 мај во организација на Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки (ЗМСТАМ).
Тој кажа дека поради изборите не можеле да го решат статусот на медицинските сестри што останаа без работа од примарното здравство и дека тоа ќе го решаваат сега.
Виолета Котевска, претседател на Комората на здравствени работници со средно, вишо и високо образование, рече дека се става акцент на унапредување на образованието на медицински сестри, особено оние со високо стручно образование.
„По една деценија мрак, конечно се помрднуваат работите. Вклучени сме во изработка на новиот закон за здравствена заштита и конечно ќе го донесеме законот за сестринска и акушерска дејност“, рече Котевска.
На најдобрите и најхуманите медицински сестри им беа доделени благодарници.
Е. БОЧВАРОСКА