Судската администрација избра нов претседател на своето здружение и ќе бара од надлежните да добиваат додатоци во плата, но и да им се вратаат 40-те отсто од платите кои не ги добија за време на штрајкот во 2016. Ова здружение, каде членуваат околу 900 административци од судовите во државата, во Струмица одржа годишно собрание на кое Саше Темелковски е избран за нов претседател.
Темелковски е администратор во Основниот суд во Прилеп и тој доаѓа на местото на Борче Митревски, кој во два мандата беше претседател на Здружението на судската администрација.
„Јас сум длабоко уверен дека ова здружение ќе придонесе за спроведување на квалитетни реформи во судството, бидејќи во судовите не се само судиите туку и администрацијата. Заложба и понатаму ќе ни остане законски да се регулира прашањето за добивање на додатоци од плата. Секако дека не се откажуваме и од парите што незаконски ни беа одземени за време на штрајкот пред три години. Тоа, впрочем, и досега беше приоритет, оти тоа се две болни прашања за судската администрација“, рече Темелковски.
Станува збор за околу 250 илјади евра што треба да бидат распоредени на судската администрација која беше казнета со 40 одсто од платите за два месеца, бидејки штрајкуваа пред три години. Тогаш бараа со измените на Законот за судска служба, како административци да бидат вклучени во пакетот за додатоци од плата, како што добија судиите.
Како што дознаваме, средствата во висина од околу 250 илјади евра се обезбедни, но се бара правен начин како да им бидат исплатени на судската админситрација, бидејки од јуни ќе настапи рокот на застарувања на нивните побарувања па нема да можат ниту по судски пат да си ги бараат.
В. ТРАЈКОВ