Книгите и филмовите понекогаш се клише за по нив да се работат монодрами. Инспирацијата треба да се бара во секојдневниот живот, во конкретни политички или социолошки ситуации во општеството, па дури и во животот на комшивката Слободанка, рекоа уметниците на дебатата „Монодрамата од двете страни на сцената“ што се одржа во рамки на 21. Интернационален фестивал на монодрама во Битола.
„Ги презирам луѓето кои што велат ‘дали си го гледал оној лик од шпанскиот филм?’ Не мислам дека Чехов за да ја напише ‘Просидба’ гледал филмови. Ние не треба да собираме така инспирации зашто веќе преминуваме во една фаза на рециклирање. Убаво е да црпиш автентични материјали. Не ми паѓа на памет Хамлет, Розенкранц. Јас инспирацијата ја наоѓам во Слободанка комишивката, така да кажеме. Да беше во Лондон може ќе се викаше Ешли, но кај нас нашите луѓе се викаат Слободанка, Трајанка и имаат животна приказна, таму треба да ги црпиме темите“, рече актерот од Народниот театар од Битола Никола Пројчевски, кој ја подготвува своја монодрама „Малиот принц“.
Преку оваа монодрама сака да упати критика до луѓето кои како принцови и принцези на своите родители добиваат работни ангажмани и за она што не ги бидува.
„Мојата целна група се принцезите и принцовите, оние излажаните на кои им велат ‘на мама принцезата, ти ќе ми бидеш глумица, на тато принцот, ти ќе ми бидеш глумец’. Веќе почнува да станува алармантно, напикани се како чудното дрво во ‘Малиот принц’ и семето кога ќе ги распуштат наоколу, растат и го наметнуваат нивниот лик на театар како единствен релевантен. Сега ти не можеш да им се спротивставиш, ти велат твоето е катастрофално… Многу е лошо да си излажан дека нешто можеш, подобро е да ти каже некој не те бива, отколку да те излажат“, рече Пројчевски.
Петар Милошевски, актер од Битола кој долги години работи на театарската сцена во Лондон, на вечерашното затворање на Фестивалот ќе го изведе соло перформансот „Пасија по Биби“. Вели кога создава монодрами не го инспирираат текстови колку што го поттикнуваат конкретни политички и социолошки ситуации.
„Се занимавам со прилично интимни проекти. Конкретно, претставата што ја играм ‘Пасија по Биби’е приказна за еден секс робот. Биби е случајно избрано име зашто јасно значи мило, драго. Еден социолошки проблем, кој не е само во Обединетото Кралство, но прилично е одлика на сите модерни општества. Се случува една страшна криза помеѓу интимноста на луѓето. Имаме ситуација во која младите луѓе, мажите особено, имаат потешкотии според официјални податоци да одржат ерекција повеќе од неколку секунди, имаме ситуции во која младите луѓе имаат страв да се допрат, ситуација во која за мажите меѓу 25 и 50 години депресијата е број еден убиец. Тоа е тотално општествена катастрофа“, рече Милошевски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА