Не заживеа идејата „Little Free Library“ за слободна размена на книги, која се реализира во повеќе од 80 земји во светот. Полиците на бесплатната библиотека во Куманово останаа празни, бидејќи граѓаните не ги вратија позајмените книги, ниту, пак, донираа свои.
Библиотеката беше поставена пред три недели пред Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, а ја донираше затворот „Куманово“.
„Идејата ни е да направиме нешто корисно и несекојдневно за нашите сограѓани, да го привлечеме вниманието на љубителите на читањето и да поттикнеме размена на книги“, изјави тогаш директорот на затворот Марјан Спасовски.
Првите осумдесетина книги на македонски, албански и англиски јазик ги подарија Центарот за култура и Градската библиотека, кои граѓаните ги земаа во првите неколку дена и потоа не ги вратија.
С. НИКОЛИЌ