БУГАРИТЕ СИ НАПРАВИЈА УЛИЧЕН ПАЗАР ВО ИСЕЛЕНОТО НОВО СЕЛО

    БУГАРИТЕ СИ НАПРАВИЈА УЛИЧЕН ПАЗАР ВО ИСЕЛЕНОТО НОВО СЕЛОСекој четврток кога е пазарен ден во Ново Село, Бугарите запоседнуваат дел од улицата Гоце Делчев каде продаваат бугарски артикли, но најмногу алишта. (Фото: СДК.МК)

    Жителите од пограничните места од соседна Бугарија се секојдневна слика во струмичката Општина Ново Село. Најмногу ги има во четврток и сабота кога во општинскиот центар е пазарен ден. Организирани со автобуси но и со сопствени возила доаѓаат за да пазаруваат или прошетаат, додека некои си организираат семејни прослави по угостителските капацитети крај природните убавини во Ново Село во Подбеласичкиот Регион. Тврдат дека е многу поевтино во земјава отколку кај нив, каде платите и пензиите не им стигнуват за секојдневните обврски.

    „Повеќе се исплаќа овде да пазаруваме отколку во Петрич. Овде и овошјето и зеленчукот е многу поевтин, а не е далеку, на 15 километри сме од овде, од селото Габрене сме. Овде имаме и пријатели, па ќе се видиме и со нив, ќе пазаруваме и ќе ручаме овде“, велат група жители од Габрене кои со минибус дојдоа на новоселскиот пазар.

    На пазарот во Ново Село се слуша претежно бугарскиот јазик. Се купуваат намирници за една недела. (Фото: СДК.МК)

    Општина Ново Село се наога на 10-тина километри од бугарската граница и е една од најиселените општини во државата. Според последниот попис брои околу 12 илјади жители, но сите ќе ви кажат дека околу 40 отсто од населението е на привремена работа во странство, најмногу во Швајцарија, Германија и Италија.

    На пазарот во Ново Село се слуша претежно бугарскиот јазик. Се купуваат намирници за една недела. Компир, зелка, гравче, ориз, зеленчук. Велат дека освен пониските цени, овде квалитетот бил далеку подобар и затоа доаѓале.

    „Веднаш се чувствува кога ги нема да дојдат да пазарат, оти не купуваат кило или две туку повеќе. Купуваат сè што им треба за по дома. Добро е кога оставаат по некој денар“, вели Ташо Лазаров кој секој четврток продава зеленчук на зелениот пазар во Ново Село.

    Секој четврток, дваесетина продавачи доаѓаат на улица Гоце Делчев и по огради и на самата улица ги презентираат алиштата за продажба. (Фото: СДК.МК)

    После пазарувањето, Бугарите ги запоседнуваат кафеаните, кебапчилниците, рестораните. Угостителите велат дека Бугарите не само што доаѓаат на ручеци, туку во последно време токму во Ново Село прават родендени, свадби, крштевки.

    „Дојдовме со друштвото за да го прославиме мојот 50-ти роденден. Нема што да кажам, имате одлична скара, добра услуга, а  цените не се високи и затоа доаѓаме. Едно 20-тина луѓе сме. Вашите ресторани станаа хит за нас. Знам дека не сум единствениот што доаѓа, а колку што сум информиран, во рестораните во Подбеласичкиот Регион ред се чека да се закаже термин за свадби од нашите“, ни рече Тодор Станов од Петрич.

    Освен за купување, за Бугарите Ново Село станува интересно и за продажба. Кога е пазарен ден, тие си запоседнуваат дел од улицата Гоце Делчев каде продаваат бугарски артикли, но најмногу гардероба. Секој четврток, дваесетина продавачи доаѓаат на оваа улица и по огради и на самата улица ги презентираат алиштата.

    „Зошто доаѓаме? Па да заработиме нешто, оти со 100 евра пензија не се преживува. Кај нас сè е скапо, па еве нудиме алишта кои се поевтини во однос на вашите. Станува збор за тренерки, блузони, чаршави. Сите производи си имаат етикети и се доста квалитетни“, вели една 60-годишна жена која рече дека е од петричкото село Први Мај.

    Таа и останатите продавачи се пожалија што постојано се на мета на новоселската полиција која не им дозволува да продаваат на јавен простор.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира