Авионот со кој Тамара Тодевска и евровизискиот тим треба да стигне во Скопје доцни поради силен јужен ветер. Тамара и нејзиниот тим од Тел Авив за Скопје лета со приватен авион.
Од Меѓународниот аеродром Скопје ни рекоа дека поради силниот ветер вечарва бил пренасочен авионот на Визер од Малта и слетал на аеродромот во Охрид. Повеќе три часа доцни и авионот на „Туркиш ерлајнс“ од Истанбул, кој повеќе од половина час кружи над Скопје.
Во услови на намалена видливост и ноќе слетувањето на Скопскиот аеродром е можно само од јужен правец бидејќи поради конфигурација на теренот такви се процедурите за инструментално слетување.
Вечерва на Скопскиот аеродром се организира дочек на Тамара и нејзиниот тим, откако синоќа на евровизиското финале Македонија се пласираше на осмото место, што е најголем успех досега. По гласањето на жирото Тамара беше на второ место со само 2 поена зад Шведска, а речиси до самиот крај беше на врвот на табелата. На крајот, по гласовите на публиката со скромни 53 бода, заврши на осмото место.
А. АНТЕВСКА