НА ДВА ДЕНА ПРЕД ПОЧЕТОКОТ, ДЕТСКАТА ЛИКОВНА КОЛОНИЈА „МОНМАРТР“ НЕМА ДОБИЕНО НИ ДЕНАР ОД ДРЖАВАТА

    НА ДВА ДЕНА ПРЕД ПОЧЕТОКОТ, ДЕТСКАТА ЛИКОВНА КОЛОНИЈА „МОНМАРТР“ НЕМА ДОБИЕНО НИ ДЕНАР ОД ДРЖАВАТАНи ветените 100.000 денари од Министерството за култура досега не пристигнале, вели Коста Хаџиантоновски, творец на „Мал битолски Монмартр“ (Фото: СДК.МК)

    Без денар поддршка од државата, а во исчекување Општина Битола да помогне, в четврток почнува 28. издание на детската ликовна колонија „Малиот битолски Монмартр“. Од Министерството за култура не пристигнале ни 100.000 денари што Детското ликовно студио од Битола ги доби од Националната програма за поддршка на културата. „Монмартр“ се отвора со 37. издание на Светската ликовна изложба, за која од државата годинава не беше издвоен ни денар.

    „Мислев дека ќе бидат тотално разочарани, но со поддршка од битолчани ќе истраеме. Средства не се пристигнати од ниедна страна. Тоа што ни го додели Министерството, тие 100.000 денари, ни тие не се стигнати. Ако чекавме на тие средства, немаше ни да се одржи ‘Монмартр’. Верувам дека градот нема да нѐ остави на цедило и ќе помогне“, рече Коста Хаџиантоновски, творец на „Мал битолски Монмартр“.

    Досега добиле пари само од една банка, која се јавува како спонзор на манифестацијата, а хотелиерите од Битола без пари ги отвораат вратите да ги примат младите ликовни таленти од цел свет.

    Се очекува да присуствуваат 20 екипи со стотина талентирани деца, како и ликовни педагози. Тие од 23 до 30 мај ќе творат во Битола, цртајќи ја градската архитектура, а на 26 мај караванот ќе биде во Охрид. На свеченото отворање со огномет, со почеток во 21 часот, на платото пред Детското ликовно студио во битолската стара чаршија ќе се доделат наградите на најдобрите ликовни творци кои ќе допатуваат во Битола. За време на ликовниот караван, секоја вечер ќе има избор на најдобри поединци.

    Ова е втора голема културна манифестација која годинава се потпира на сопствени сили само за да се одржи. Таков беше примерот и со Фестивалот на монодрама, кој не доби финансиска поддршка од државата, но со помош на Општина Битола, јавни претпријатија и други поддржувачи успеа да се одржи.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира