Затворениците во затворот во Шутка од денеска ќе може да вежбаат фитнес. Во дворот на затворот поставена е фитнес опрема и реквизити за рекреација на отворен простор.
„Ова е уште еден чекор во насока на подобрување на условите на осудените лица и нивно поактивно учество во спортски активности и исполнување на нивното слободно време со корисни содржини, како облик на третман на кои се посветува подеднакво внимание како и на останатите облици на третман на осудените лица за нивна успешна ресоцијализација и социјална адаптација“, вели директорот на затворот Ѓоко Котевски.
Од КПУ затвор Скопје соопштија дека наскоро за затворениците ќе почнат курсеви за компјутерски вештини. За почеток со основни компјутерски вештини, а потоа во зависност од интересот и напредни. Во затворот комплетно се реновирани и просториите за посета на адвокати, во соработка со Адвокатска комора.
Меѓу притворениците во Шутка се и бившиот министер за образование Спиро Ристовски и ексдиректорот во УБК Владимир Атанасовски, кои се во притвор како осомничени за организација на нападот во Собранието на 27 април 2017.