ДЕЦАТА РОДЕНИ ВО ЈАНУАРИ 2014 ТРЕБА ДА ТРГНАТ НА ШКОЛО, НО НЕ МОЖАТ ОТИ НЕ СЕ ВАКЦИНИРАНИ ЗА МАЛИ СИПАНИЦИ

    ДЕЦАТА РОДЕНИ ВО ЈАНУАРИ 2014 ТРЕБА ДА ТРГНАТ НА ШКОЛО, НО НЕ МОЖАТ ОТИ НЕ СЕ ВАКЦИНИРАНИ ЗА МАЛИ СИПАНИЦИОд службата за вакцинација во Велес велат дека сега е на ред вакцинирањето на децата родени 2013, а кога ќе добијат задача за оние од 2014 ќе започнат и со таа возрасна група, но до тогаш не можат ништо да преземат; - Од теренската вакцинација во Велес. (Фото: СДК.МК)

    Децата родени во јануари 2014 треба од септември да тргнат на училиште, ама не можат да добијат документ за вакцинација, оти не можат да бидат вакцинирани против мали сипаници. За оваа ситуација реагираат родители од Велес, кои се соочиле со недореченоста на системот и бараат начин како да се излезе од правниот лавиринт.

    „Моето дете е родено во јануари 2014 и добивме покана за упис во основно училиште. Сите документи ги собравме, освен дека е вакцинирано за морбили. А, оваа вакцинација засега не е предвидена за негова возраст. Така, и покрај нашите желби, не можеме детето да го запишеме на училиште. Државата од една страна дозволува, а од друга оневозможува“, вели еден од родителите кои се судрија со ваков проблем.

    Засега, тоа се четири деца само од еден клон на градинките од Велес. Проблемот го потврдија и од службата за вакцинација во Велес, од каде објаснуваат дека тие имаат добиено задача да вакцинираат деца родени 2013, а кога ќе добијат за 2014, ќе започнат и со таа возрасна група, но до тогаш не можат ништо да преземат.

    Од Министерството за здравство одговорија дека нема пречки децата да се запишат на училиште, иако родителите тврдат не добиваат документ ниту децата се вакцинираат.

    „Постои можност и не постои пречка ревакцинацијата да биде спроведена во процесот на запишување на детето во прво одделение. Исто така, во сила се засилени мерки со проширување на опфатот на децата кои ќе бидат опфатени со вакцинацијата во услови на прогласена епидемија. Имено, со Наредбата донесена во април 2019 година по препорака на Комисијата за заразни болести во врска со епидемијата на морбили на ниво на Република Северна Македонија, е утврдено да се вакцинираат сите деца на возраст од 6 месеци до 14 години со МРП вакцина како континуирана имунизација“, одговорија од Министерството.

    Од почетокот на епидемијата на мали супаници, во државата се вакцинирани вкупно 27.000 деца и возрасни.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира