Грчкиот премиер Алексис Ципрас најави дека ќе распише предвремени избори, откако неговата партија Сириза доживеа тежок пораз на денешните избори за Европскиот парламент. Резултатите покажаа дека Сириза заостанува девет поени зад опозициската Нова демократија и извор од партијата на Ципрас кажа дека изборите место во октомври, ќе се одржат во јуни.
„Ќе се сретнам со грчкиот претседател за да распишеме парламентарни избори набргу по завршувањето на вториот круг од локалните избори наредниот викенд“, изјави Ципрас, кој е на власт од 2015 година.
Лидерот на Нова демократија Кирјакос Мицотакис претходно побара оставка од премиерот Алексис Ципрас и одржување предвремени избори, најавувајќи пораз на владејачките левичари.
„На Грција ѝ треба нова влада. Јасно е дека грчкиот народ веќе нема доверба во оваа влада. Премиерот мора да понесе одговорност, да поднесе оставка и што поскоро да распише избори. Грција доста страдаше, но пронајде сила за промени“, изјави Мицотакис.