Од денес до сабота во Кочани, по 60.пат ќе се одржи Драмскиот аматерски фестивал ДАФ, на кој ќе се изведат претстави од Македонија, САД, Србија, Грција и од Бугарија.
Фестивалот се фокусира на македонските аматерски театарски групи, но во последните години, стана препознатлив и надвор од земјава.
Во чест на јубилејот, покрај театарската програма, ќе има и настапи на акробатски музичари, физички театар, предавања, концертни настапи, изложби и промоции на книги.
Селекцијата ја направи актерката Јасмина Билаловиќ, која вели дека од големиот број пристигнати пријави, кој годинава ја надмина бројката од 40 претстави, таа направила избор од 16 претстави, кои ќе бидат изведени во шест фестивалски денови.
Денес ќе се изведат две професионални претстави (вон конкуренција): „Човекот“ пантомима на Трајче Ѓеоргиев, актер од Македонскиот народен театар (МНТ) и хит претставата „Вардарски Пастуви“ во режија на Синиша Евтимов, а во продукција на Театар Комедија. Во следните фестивалски денови на програмата се претстави, кои ќе се борат за награди меѓу кои: „Театар Чекори“ од Скопје со претставата „Ние“, АТ „Колектив ветерница“ од Скопје со „Робоград“, гимназијата „Св. Климент Охридски“ од Охрид со „Странци“, аматерскиот театар „Репетициона 04“ од Штип со „Недоразбирање“, театар „Дунек“ од Гостивар со „Бенг бенг и мртов си“.
Од Србија доаѓа Аматерско позориште „Хранислав Драгутиновиќ“ од Прокупље, а на затворањето гостува ДАХ театар од Белград со дипломирани студенти од белградската академија, под менторство на Мирјана Карановиќ , со претставата „ММЕ“ од Дејан Дуковски. Истиот ден, на последниот ден од фестивалот гостува Македонскиот културен центар од Софија и монодрамата „Страстите на Илија“ со Игор Дамјанов.
Ќе гостуваат и акробатски музичари од Грција и Америка, во гимназијата во Кочани ќе има предавање „Момчето кое живееше во зоолошка градина: изложувањето на различните како спектакл“ на професорката Илина Јакимовска од Институтот за етнологија и антропологија, ПМФ – УКИМ.
Ќе има изложба на избор од сценографиите на Крсте Џидро-Џиби и промоција на поезијата на македонски јазик на Џелаледин Мевљана Руми од Тихомир Јанчовски, во придружба на вокалите Добрила Грашеска и Зоран Тортевски. Организаторот најавува и промоција на книгата „Радио“ од Љупчо Јолевски, промоција на винил на групата „Анна О.“, промоција на изданијата „Светот на Биби“, диџеј сет на Александар Јорданов.
Последната вечер ќе бидат доделни наградите. Тричлена комисија на фестивалот доделува награда за главна машка и женска улога, споредна машка и женска улога, Награда за уметничка иновација и истражување во аматерскот драмски израз, награда за најдобра режија и за најдобра претстава „Васил Ќортошев“.