Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог против државјанин на Босна и Херцеговина за сторени кривични дела телесна повреда и противправно лишување од слобода, откако тој ја затворил својата сопруга во стан во Скопје и потоа со часови ја тепал.
Во соопштението на Обвинителството се вели дека државјанинот на БиХ живеел со оштетената во вонбрачна заедница во Шведска, а во мај дошле во Македонија за да склучат брак.
„Тие изнајмиле стан во Скопје, во кој околу 23 часот на 23 мај, обвинетиот ја заклучил оштетената, по што го фрлил клучот и ѝ ги одзел мобилните телефони, за да не може да бара помош. Потоа почнал да ја удира и турка. Поради дејствијата на обвинетиот, кои траеле до 5.30 часот наредното утро, оштетената се здобила со видливи повреди по телото“, велат од Обвинителството.
На државјанинот на БиХ му беше одредена и мерка притвор.