АКО НЕ КАЗНУВА ПОЛИЦИЈАТА, НИЕ ЌЕ КАЗНУВАМЕ ЗА ПОГРЕШНО ПАРКИРАЊЕ, ШИЛЕГОВ СЕ ПРЕМИСЛИ ОКОЛУ НЕНАДЛЕЖНОСТА И ГИ АКТИВИРАШЕ КОМУНАЛНИТЕ ИНСПЕКТОРИ

    АКО НЕ КАЗНУВА ПОЛИЦИЈАТА, НИЕ ЌЕ КАЗНУВАМЕ ЗА ПОГРЕШНО ПАРКИРАЊЕ, ШИЛЕГОВ СЕ ПРЕМИСЛИ ОКОЛУ НЕНАДЛЕЖНОСТА И ГИ АКТИВИРАШЕ КОМУНАЛНИТЕ ИНСПЕКТОРИДо пред само една недела градоначалникот Петре Шилегов се правдаше дека е ненадлежен за казнување на пешачките простори и во зеленилото - паркирани коли на пешачка зона на плоштадот Филип Втори- Фото: СДК.МК)

    Од Град Скопје вчера информираа дека инспекторите и комуналните редари ќе вршат засилени контроли и ќе ги казнуваат сите кои се паркирани во зелена или јавна површина, бидејќи сообраќајната полиција не може да го реши хаосот со паркирањето низ главниот град.

    Градоначалникот Петре Шилегов на прашања на САКАМДАКАЖАМ.МК зошто Градот дозволува и не казнува за паркирање на плоштадот Филип Втори, улица Македонија, во новиот парк зад Филхарминија, на Кејот 13 Ноември постојано одговараше дека Градот нема надлежност да казнува, туку сообраќајната полиција е таа што не си ја врши работата.

    „До основање на градската комунална полиција, одговорноста за сообраќајниот хаос е на Министерството за внатрешни работи. Затоа и Градот сака да ја преземе оваа надлежност, за да може да се воспостави ред”, рече Шилегов на 22 мај на прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК зошто никој не казнува за паркирање на централната пешачка улица во Скопје.

    Комуналните редари и до сега можеа да пишуваат казни, ама чекаа тоа да го стори полицијата – урнек од казнено ливче – (Фото: СДК.МК)

    Сега од Град Скопје се предомислија и почнаа да пишуваат казни, почитувајќи ги и сегашните законски решенија што им даваат таква можност.

    “Согласно Закон за комунални дејности и Одлука за комунален ред на Град Скопје член 25 и член 49, комуналните инспектори и комуналните редари ќе вршат засилени контроли и ќе бидат санкционирани сите возила кои се паркирани на јавна зелена површина како и на јавна површина. На секое неправилно паркирано возило ќе биде оставено известување за сторен прекршок, казната изнесува 50 евра. Апелираме до сите возачи да се почитуваат сообраќајните знаци и да се грижиме за зелените површини”, се вели во известувањето од Инспекторатот на Град Скопје.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира