На диво се копал каналот за приклучување на водоводната мрежа на улицата Кемал Сејфула, во кој денеска загинаа две лица, а едно е повредено, велат од Општина Чаир.
Од таму информираат дека на местото на настанот, веднаш излегол Инспекторатот на Општина Чаир за да ја утврдат фактичката состојба и за да констатираат дали се испочитувани сите предвидени законски норми за овој вид на работи од страна на изведувачот.
„Според изготвениот записник од страна на инспекторите на терен, започнатите работи за вклучување во подземната инфраструктура немале дозвола за нивно спроведување и истите се започнати во текот на денешниот ден“, велат од Општина Чаир.
Како што потврдија од Министерството за внатрешни работи, две лица на возраст од 26 и 28 години, загинаа откако земјата од ископот се лизнала и ги затрупала, а едно лице е повредено, но е надвор од животна опасност.
А. АНТЕВСКА