ВЕЛЕШАНЕЦ НАПРАВИ РЕПЛИКА НА МОСТОТ ВО ВЕЛЕС ОД ИЛЈАДНИЦИ ЧКОРЧИЊА

    ВЕЛЕШАНЕЦ НАПРАВИ РЕПЛИКА НА МОСТОТ ВО ВЕЛЕС ОД ИЛЈАДНИЦИ ЧКОРЧИЊАМуамер Абедин осум месеци трпеливо ја работел макетата на мостот, симбол на Велес. Ова за него претставувало голем предизвик и задоволство, но и негов подарок за муслиманскиот празник Рамазан Бајрам, бидејќи мостот создава пријателства. (Фото: СДК.МК)

    Реплика на Мало мовче, една од знаменитостите на Велес, е изграден од илјадници чкорчиња по месеци трпелива работа на велешанецот Муамер Абедин. Неговата амбиција да твори уникатни предмети била одлучувачка да го создаде мостот, кој ги поврзува новиот и стариот дел на градот. Ова за него претставувало голем предизвик и задоволство, но и негов подарок за муслиманскиот празник Рамазан Бајрам, бидејќи мостот создава пријателства.

    Абедин на своето дело често работел и ноќе

    „Оваа работа ме исполнува. Немав нацрт, го работев според мојата замисла во главата. Бидејќи секојдневно го минувам по четири пати, знам дека мостот е долг сто метри, а јас го направив од еден метар или во размер еден спрема сто. Се одлучив за Мало мовче оти мостовите подаваат рака и склопуваат нови пријателства. Други велат дека бреговите што Бог не ги споил, човекот ги спојува со изградба на мостови и затоа цврсто бев решен да го направам, за сите мои пријатели и за велешани“, објаснува Муамер.

    Во макетата има околу 8.600 чкорчиња, за што како доказ ги чува сите 215 пакетчиња. Тој морал сите да ги гори и да ги исчисти главите од фосфорот. За оваа негова работа потрошил осум месеци. Половина година работел на соодветен избор на кибритчињата. И додека другите спиеле и одморале, тој од 23 до 2-3 часот по полноќ работел неуморно и трепливо, со голема амбиција, ентузијазам, креативност, љубов и желба да создаде мало, но големо дело.

    Тој пред три години ја создаде од хартија и сината џамија од Истанбул

    „Искрено, квалитетот на кибритите е многу лош. Јас морав шест месеци да избирам да бидат рамни за да можам да го градам мостот. Толку многу се посветив што слободното време го користев за да работам на мостот. Додека моите другари и пријатели мислеа дека ги избегнувам и не сакам да се дружиме, јас творев. Мислам дека сега имам оправдување, бидејќи никој не знаеше за ова мое хоби“, вели Абедин.

    Тој пред три години ја создаде од хартија Султан Ахмед џамијата или сината џамија од Истанбул.

    „Задоволен сум и веќе заборавив на сите потешкотии и непроспиени ноќи. Се надевам дека и моите велешани ќе бидат задоволни. Целта на идејата е постигната и веќе почнувам да размислувам за нешто ново“, кажа Муарем.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира