Ракометарите на Вардар се вратија дома и со себе го донесоа највредниот можен трофеј – пехарот на Лигата на шампионите.
Дваесет и четири часа откако сензационално го освоија завршниот турнир во Келн и по вторпат за три години станаа европски прваци, „црвено-црните“ слетаа на скопскиот аеродром со чартер лет и тргнаа во голема прослава, што ќе кулминираа на плоштад Македонија.
За дочекот на шампионите се ангажирани три двокатни автобуси на ЈСП Скопје, еден панорамски и два затворени, со кои тие ќе парадираат од аеродромот до центарот на градот.
За почеток, ракометарите уште на самиот аеродром беа пречекани и поздравени од илјадници фанови, кои стигнаа неколку часови порано.