Ако во Битола се „зајадиш“ со некого, тој ќе ти каже: „Ај, оој да се сликаш кај Манаки!“, доколку имаш желба да се забавуваш, ќе ти речат: „Кај Фиќи на тераса“. Ако некоја девојка сака скапо да се облечe, а не ѝ стигаат парите, ќе ја задеваат со зборовите: „Не си на Данабаш ќерка му“. Ако често одите кај некого на гости, може да Ви рече: „Ми ја напрај куќата корзо!“. За некој кој прави луди работи ќе речат: „Му летна чавката сосе конец“ или „Васето Улото“. Ако, пак, често се шминкате и надвор излегувате по виклери, ќе станете „Генчето со бигутините“. Има уште десетици вакви изрази создадени во битолската чаршија.
Ако не сте битолчанец, ќе ви треба толковен речник за да разберете што луѓето околу вас сакаат да ви кажат. Дел од овие изрази во својата книга „Калеидоскоп“ ги има опишано битолскиот хроничар Александар Стерјовски. Најголемиот дел од нив се стари повеќе од еден век. Најчесто биле создадени меѓу двете светски војни и го совладале времето до денес. Така е зашто се на локални јазик и амбиент, а содржат пораки и поуки.
„Ај, оој да се сликаш кај Манаки“, според Стерјовски, се користи во прилики кога некој станува здодевен и беспричински го троши времето на другиот или кога двајца само што не дошле до расправија. Тогаш првиот навидум попушта, но не и без отровен убод. Изразот особено се користел додека Милтон Манаки бил жив. Денес младите го кратат на „Ај, оој сликај се!“.
Кафеаната на Фиќи, мала, приземна, со широк подиум (тераса) што служел и за надворешно уживање со кафе, уште повеќе за игранки, постоела кон крајот на 19. век. Но, изразот останал како синоним за денгуба и разонода. Се раскажува дека во Битола таму за првпат се заиграле аргентинското танго, валцерот, чарлстонот и фокстротот, донесени од печалбарите.
Исто така, во минатото, помладите битолчани имале чудна навика да ловат чавки, посебно оние кои почнувале да летаат, ги врзувале за една нога со конец и одвреме-навреме ги ослободувале да полетаат. Стерјовски пишува дека лесно било да се уловат, зашто градот вриел од нив, станале дури и проблем. За ликвидација било ангажирано и Ловечко здружение и за тоа се трошеле општински средства. Се случувало чавката некогаш да се откачи и да полета, повлекувајќи го со себе и конецот. Оттаму и изразот „Му летна чавката сосе конец“.
На времето, човек од село на пазар во Битола му продал петел на Евреин. Тој бил малку ќефлеисан, па кога врвел покрај Драгор, му избегал. Евреинот по него абре-дебре да го фати, а отстрана го силеле сеирџии. Надошла вода во реката и ги повлекла двајцата. Присутните рекле „Ојде по петелот“ и така останала изреката за некоја работа која оди во неповрат.
Семејството Данабаш меѓу двете светски војни било едно од најбогатите во Битола. Имале трговска фирма со врски во повеќе европски центри, голем имот, земјиште, шуми, па станале и мамка за грабежи. Едниот брат Петар Данабаш бил убиен на спиење во 1927 година и убиецот наречен Црна Субота бил пронајден и уапсен во Белград. Трите ќерки на другиот брат Јанко Данабаш се носеле мошне елегантно и богато, па така настанал и изразот „Не си на Данабаш ќерката, да се контиш!“.
И Битола на времето имала свој јасновидец. По него, до денес останала изреката „Не сум Десоецо, па да знам“ за работи кои се неизвесни во иднина.
Ретко кој знае дека прекарот Шанкуре, а и изреката „Шанкуре, сам се чепка“, се од Битола. Во книгата „Калеидоскоп“ пишува дека Шанкуре бил битолски бездомник, со кого чаршијата знаела да се пошегува, а тој бил многу раздразлив, што давало повод за задевање и за колективна смеа. Еднаш, сакајќи да дознаат како ќе реагира доколку не го задеваат, дуќанџиите од чаршијата се договориле да го игнорираат. На крај, тој почнал да ги задева.
Уште еден лик кој живеел пред половина век, а преживеал до денес во битолскиот говор е Генчето. Била сместена во Старскиот дом, но надвор не излегувала без шминка и свиткана косата, па битолчани за некоја нашминкана знаат да кажат „ко Генчето со бигутините“.
Битолчанката Паца, според истражувањата на Стрејовски, живеела меѓу двете светски војни и си вообразила дека од некого е сакана и дека ќе се мажи. Во меѓувреме тој заминал на печалба во САД, па тоа било прилика за битолчани кои ја знаеле вистината да ја задеваат со зборовите „Ќе дојди со на Паца бродо“, односно никогаш.
Ж. ЗДРАВКОВСКА