Судењето за масовното нелегално прислушување „Тврдина-Таргет“, по повеќе од месец, продолжи кај што застана, со вкрстени прашања од обвинетиот ексдиректор на УБК Сашо Мијалков до сведокот, инженер во петтата управа на МВР Звонко Костовски.
„Зошто сте внесувале двд-уред во МВР, сте ризикувале да снимате односно префрлувате снимани разговори на него, па да го изнесувате, кога сте можеле тоа на стикче да го снимите и дома или на друг компјутер да ги складирате тие разговори?, го праша Мијалков сведокот.
„Така решивме со Ѓорѓи Лазаревски да работиме“, кусо му одговори Костовски.
„Зошто оваа содржина на разговори ја креиравте на начин според кој не може да се докаже дека таа е снимана на машините на МВР? Тоа го кажа некој од вас сведоците“, продолжи да го прашува обвинетиот.
„Не сум кажал дека не може да се докаже“, одговори сведокот.
„На презентацијата на опремата за прислушување Реизон од Израел, на 3 лаптопа, јас, вие, Ѓорѓи, Небојша Стајковиќ и други инженери откај вас, следевме во живо 15-30 телефонски разговори, по случаен избор. Го препознав гласот на еден мој пријател, чиј број го знаев на памет. Разговараше. Како може да гарантирате дека некој друг на ваков начин, некој што поседува ваква опрема, не можел да врши нелегално снимање?”, праша Мијалков.
„Овој систем за кој зборувате е за пасивно следење на комуникации и не е поврзан со базна станица. Следи комуникации само на конкретно место, тие сигнали што ги фаќа на тоа место. И тука е јасен сигналот. Но, гласот другата страна на разговорот, не се слуша или лошо ќе се слуша. Додека на системите за следење во УБК, квалитетот на гласот е многу добар и подеднакво добар и на двете страни. Затоа тврдам дека овие илјадници разговори на граѓани што ги преснимивме од МВР, се снимени со тамошната професионална опрема“, одговори сведокот Костовски.
Во Основниот суд Скопје 1 продолжуваат вкрстените прашања на кои право имаат сите обвинети во овој случај, покрај Мијалков, а тоа се Гордана Јанкулоска, Тони Јакимовски и шестмина вработени во УБК.
Обвинетите Горан Грујевски и Никола Бошковски се во бегство и според МВР, живееле во Солун.
С. К. ДЕЛЕВСКА