ПО ПОДДРШКАТА ОД РЕПУБЛИКА ЧЕШКА, ОЧЕКУВАМ ПОЗИТИВНА ПОРАКА ОД КАНЦЕЛАРКАТА МЕРКЕЛ В ЧЕТВРТОК, РЕЧЕ ЗАЕВ

    ПО ПОДДРШКАТА ОД РЕПУБЛИКА ЧЕШКА, ОЧЕКУВАМ ПОЗИТИВНА ПОРАКА ОД КАНЦЕЛАРКАТА МЕРКЕЛ В ЧЕТВРТОК, РЕЧЕ ЗАЕВВикендот по средбата со германската канцеларка Ангела Меркел, ќе има седница централниот одбор на СДСМ, најави премиерот Зоран Заев. - Од пречекот на чешкиот премиер (Фото: Ѓ. Личовски)

    Денес добивме големо охрабрување од чешкиот премиер Андреј Бабиш, кој е во посета овде, а во четврток очекувам позитивна порака од канцеларката Ангела Меркел, рече премиерот Зоран Заев на заедничката прес конференција со чешкиот премиер. Тој кажа дека е сигурен дека ќе добиеме датум за преговори во јуни, бидејќи испорачале сè што побарала Европската унија, како што е решавање на отворените прашања, владеење на правото, безбедносните служби, антикорупцијата, јавната администрација.

    „Нема дилеми дека ќе добиеме датум за преговори. Важно е и Европа да знае дека таа за нас е атрактивна заради тоа што секогаш покажала мудрост да ги прави реформите внатре, но и да го држи процесот отворен за привлекување на нови земји кандидати за членство во Еу и верувам дека тоа ќе се случи. Оваа мотивација за нас е важна, моќта на привлекувањето на ЕУ кон нас е многу важно, за да продолжиме во тој правец. По средбата во четврток, веројатно следниот викенд следи седница на централниот одбор на СДСМ. Нашите коалициони партнери сме во постојана комуникација, во зависност од парламентарното мнозинство, дали тоа ќе додржи, дали навистина ќе продолжи по тој пат, така и ќе ги донесеме одлуките“, рече Заев.

    Тој кажа дека граѓаните на ЕУ треба да разберат дека не земјата не бара веднаш членство во Европската унија, туку мотивацијата што ќе ја дадат со одредување датум за преговори.

    „Ние сме одличен пример за соработка со сите 5 соседи, пред два месеци грчки премиер прв пат беше во посета на земјата по долги години спор. Европската комисија даде кристално јасна препорака за отпочнување на преговори. 100 отсто ги исполнивме критериумите, со Бугарија и Грција ги надминавме отворените прашања. Преспанскиот договор е повеќе од решение на долгорочен спор, клучна европска вредност на заедништвото на што е поставена и ЕУ. Оваа мотивација, одредување на датум за преговори за нас е важна, бидејќи во спротивно ќе значи да се враќаме назад кон национализам и популизам“, рече Заев.

    Тој кажа дека оваа мотивација е многу потребна пред сѐ заради стабилизација и на земјата и на регионот, и конечно да може да се посветиме на економскиот развој. Отворените ЕУ и НАТО перспективи влијае на на рекордни инвестиции од 625 милиони евра, зголемување на БДП за 4,1 отсто, намалување на невработеноста за 4,8 отсто. Оваа мотивација е потребна да продолжиме и со реформите внатре, ќе значи и регионална соработка меѓу младите место да се иселуваат во западноевропските земји и стабилизација што ја очекува целиот регион. Се надевам дека Република Чешка освен поддршката во евроинтеграциите и дека ќе ја почне и процедурата за ратификација на нашето членство во НАТО, за да може во декември на самитот на НАТО во Лондон ќе може да станеме и официјално членка, кога алијансата слави 70 годишнина од постењето“, рече Заев.

    Тој се заблагодари на досегашната соработка на Република Чешка, односно донациите од околу 4 милиони евра за полицијата и што чешките полицајци учествувале во контрола на јужната граница, а дека се надева дека ќе има соработка и во делот на одбраната.

    Чешкиот премиер Бабиш кажа дека силно ја поддржува Република Северна Македонија да почне преговори со ЕУ и дека во рамки на состанокот на Вишеградската група што ќе се одржи во Будимпешта, ќе организира состанок на земјите од Западен Балкан.

    „Се надевам дека за 9 дена Европскиот совет ќе го потврди отворањето на пристапните преговори на ЕУ. Европските политичари ви ветија и се зборува 15 години за ова и добро што најдовте заеднички јазик со Грција, го сменивте името, одржавте референдум го сменивте уставот. Европските политичари, кои ве поканија и ви ветија дека ако го направите сето ова дека ќе почнете со преговори, треба да го направат. Република Чешка еднозначно го поддржува отворањето на преговорите за членство во унијата“, рече Бабиш.

    Тој кажа дека чешките полицајци учествувале во обезбедување на границата во рамки на мисијата Фронтекс, кој почнала во февруари 2016 година, и дека соработка ќе продолжи и во одбраната.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира