„ШОЛЦ“ ЈА ДОБИ ДЕПОНИЈАТА ДРИСЛА, ГРАД СКОПЈЕ ГО РАСКИНА ДОГОВОРОТ СО ИТАЛИЈАНСКИОТ КОНЦЕСИОНЕР „ФЦЛ АМБИЕНТЕ“

    „ШОЛЦ“ ЈА ДОБИ ДЕПОНИЈАТА ДРИСЛА, ГРАД СКОПЈЕ ГО РАСКИНА ДОГОВОРОТ СО ИТАЛИЈАНСКИОТ КОНЦЕСИОНЕР „ФЦЛ АМБИЕНТЕ“Градоначалникот Шилегов најави дека ќе бара нови услови во договорот со „Шолц“ бидејќи условите се изменети од пред 6 години. - Шилегов во „Дрисла“ во април лани. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Германската компанија „Шолц“ ја доби под концесија депонијата „Дрисла“, по 6-годишна судска битка. По предлог на градоначалникот Петре Шилегов, советниците во Советот на Град Скопје донесоа одлука да се раскине договорот со италијанската фирма „ФЦЛ Амбиенте“ и да се даде под концесија на „Шолц“, кој од 2016 година е во целосна сопственост на „Чихо Енвајрментал Груп“, една од најголемите кинески компании за рециклирање.

    Советниците од ВМРО-ДПМНЕ не гласаа за одлуката, беа воздржани. Тие рекоа дека ниту една од фирмите не треба да биде избрана за концесионер туку да се распише комплетно нов избор.

    „На депонијата ништо не е вложено изминативе години, ниту една печка за медицински отпад која толку време се најавува не е купена. Градот не требаше да склучува ниту договор со ‘Шолц‘. Станува збор за суштинско прашање и затоа треба да се распише комплетно нов повик за давање под концесија на депонијата“, рече Михајло Маневски, советник од ВМРО-ДПМНЕ.

    Градоначалникот Петре Шилегов одговори дека за состојбата на „Дрисла“ се виновни тие и минатото раководство на Градот предводено од ВМРО-ДПМНЕ затоа што и покрај судски одлуки да се раскине договорот со „ФЦЛ Амбиенте“, тие склучувале договор со нив.

    „Ви благодарам што си признавте дека ја утнавте работата со изборот на италијанската фирма ‘ФЦЛ Амбиенте‘. Лично јас неколку пати кажав дека треба да се распише комплетно нова постапка. Затоа поднесовме и жалба на судската одлука да се склучи договорот со ‘Шолц‘. Но, таа жалба ни беше одбиена и судот ни наложи да го повториме бодувањето. Ако не го сториме тоа ќе се соочиме со тужби кои ќе чинат по 80 милиони евра. Сте требале на ова да мислите порано кога сте дозволиле фирмите да поминат во втора фаза, кога незаконски го продолжувавте рокот за доставување понуди за да може италијанската фирма да достави понуда“, рече Шилегов.

    Градоначалникот Шилегов најави дека ќе бара нови услови во договорот со „Шолц“ бидејќи условите се изменети од пред 6 години.

    „Најдоцна за еден месец ќе се потпише договорот во кој ќе бидат наведени сите услови. Многу работи се изменети и воведени се нови технологии за управување со отпадот, а ние тие ќе ги бараме и за депонијата ‚Дрисла‘“, рече Шилегов.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира