На просторот зад автобуската станица спроти Градежен факултет деновиве е поставена тенда со челична конструкција за ново кафуле. Тендата се наоѓа среде плочникот, веднаш до клупите на автобуската станица и улицата Рајко Жинзифов од другата страна. На овој простор досега стоеја држачи за паркирање велосипеди.
„Ова е апсолутна узурпација на јавен простор. На местото каде што е поставена тендата беше наменет за паркирање велосипедите“, реагираат од граѓанската иницијатива „Во одбрана на Дебар Маало“.
Од Општина Центар велат дека тендата е поставена со одобрение на Град Скопје, но ќе испитуваат дали узурпираат јавен простор.
„Инспекторите по пријава на граѓани излегоа на терен и сопственикот на кафулето приложи дозвола за заградување на просторот издадена од Град Скопје. Но, му наложивме да го донесе целосниот елаборат за поставување на урбана опрема на јавна површина“, вели градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ.
Богдановиќ вели дека во наредниот период ќе се работи на измена на Правилникот за поставување на урбана опрема за да точно се знае каде може да постои кафуле со летна тераса во населено место. Сега дозволите за поставување на летни тераси ги издава Град Скопје, а Општината врши инспекција. Со новиот правилник дозволи ќе издава Општината.
Општина Центар минатата недела почна со акција со уривање на диви тераси на 16 кафулиња. Беа отстранети метални констукции на кафулиња кои зафаќаа поголема јавна површина од онаа што е пријавена и одобрена со елаборатот.
А. АНТЕВСКА