СИСТЕМОТ ЗА ПРИСЛУШУВАЊЕ ТРЕПКАШЕ КОГА СЕ НАЈАВУВАА МИЈАЛКОВ И ГРУЈЕВСКИ СО НАЗНАКИ ЧЕТВРТА И ТРЕТА ЗГРАДА ВО МВР, СВЕДОЧИ НОВ СВЕДОК ВО „ТВРДИНА-ТАРГЕТ“

    СИСТЕМОТ ЗА ПРИСЛУШУВАЊЕ ТРЕПКАШЕ КОГА СЕ НАЈАВУВАА МИЈАЛКОВ И ГРУЈЕВСКИ СО НАЗНАКИ ЧЕТВРТА И ТРЕТА ЗГРАДА ВО МВР, СВЕДОЧИ НОВ СВЕДОК ВО „ТВРДИНА-ТАРГЕТ“„И директорот на УБК Сашо Мијалков и началникот на Петтата управа Горан Грујевски имаа компјутери кои што беа поврзани на системот ’најс‘“, сведочи Сашо Трајковски, помошник-директор на Петтата управа во МВР. - Мијалков пред Кривичниот суд (Фото: СДК.МК)

    Актуелниот помошник-директор на Петтата управа во МВР (за следење на комуникациите) Сашо Трајковски, кој во времето на обвинетите Сашо Мијалков и Горан Грујевски од „Тврдина-Таргет“ работел како главен инженер раководител, па како началник на сектор во управата, е третиот сведок во судскиот процес за нелегалното масовно прислушување, по сведоците Ѓорѓи Лазаревски и Звонко Костовски.

    „Во собата за маркирање лично сум видел дека маркирачите броевите што требаше да ги прислушуваат ги имаа запишано на листови. Судски налог за прислушување сум видел само еднаш“, кажа и овој сведок дека во УБК се прислушувало незаконски, без судски налог.

    Трајковски продолжи да кажува кој се прислушувал незаконски, покрај маркирачите со броевите запишани на ливчиња.

    „И директорот на УБК Сашо Мијалков и началникот на Петтата управа Горан Грујевски имаа компјутери кои што беа поврзани на системот ’најс‘. Имаа и кориснички имиња што можевме да ги видиме, кои се логираа од компјутери од кои се читаше дека се најавуваат од четврта зграда на првиот кат на УБК. Тоа беше кабинетот на тогашниот директор Сашо Мијалков. Можевме да видиме и кога некој од третата зграда во МВР, прв кат, се најавува во системот да прислушува комуникација. Тоа беше канцеларијата на тогашниот директор на Петтата управа Горан Грујевски“, тврдеше во директно испрашување сведокот Трајковски.

    Трајковски ги кажа и нивните кориснички имиња со 04 и 03, според бројот на зградите во кои биле нивните кабинети. Неговото сведочење продолжува.

    Претходните двајца сведоци, Лазаревски и Костовски, беа свиркачите кои од 2008 година ги снимале разговорите на стотици прислушувани граѓани од страна на УБК, без судски налог. Костовски, по неколкумесечно исцрпно сведочење, го напушти судењето за „Тврдина-Таргет“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира